Оригинали и копии – битката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во полн ек

Кој ветува оригинални предизборни ветувања, а кој копија – беше главната причина за денешната директна конфронтација меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како еден вид најава за она што ги очекува граѓаните периодот што следува, односно до одржувањето на изборите на 12 април.

Иако официјалниот старт на капањата се уште е далеку (таа почнува на 23 март), политичките партии веќе почнаа со промоција на нивните ветувања, но и со меѓусебните обвинувања за тоа дека едни од други ги копираат проектите, но и дека и едните и другите ништо не сработиле за граѓаните.

Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави енергетска обнова на домовите на граѓаните, како и набавка на сончеви колектори за домаќинствата, при што половина од трошокот ќе биде на сметка на државата, но и бесплатен приклучок до гас и за 50 проценти почист воздух, социјалдемократите реагираа дека е вистинско лицемерие ВМРО-ДПМНЕ да зборува на тема енергетика и екологија, кога 11 години водела погубни политики во овие сектори.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ знаеше како се работи во енергетиката, немаше државата со години да биде зависна од скап увоз на струја, немаше да се укине евтината дневна тарифа на струјата, немаше цената на електричната енергија да поскапи за 100 отсто, а енергетската мрежа немаше да се соочува со чести испади што беше редовна пракса за време на нивното владеење.

Наспроти нивните погубни политики кои цели 11 години ја чинеа многу скапо и државата и граѓаните, за само 2.5 години СДСМ со исправни и домаќински политики покажа како се водат вистински енергетски политики“, реагираа од СДСМ.

Од партијата на Зоран Заев потсетија дека од 2006 до 2016 година ВМРО ДПМНЕ ја покачи цената на струјата за сите потрошувачи за 100 проценти, додека СДСМ ја стабилизирала цената на струјата и воведе евтина тарифа. Дополнително, велат од СДСМ, зголемено е домашното производство на струја, додека  во времето на ВМРО-ДПМНЕ имало пад од 25 проценти на домашното производство на струја, а увозот достигнал вртоглави 38 проценти.

Денес, потсетуваат од СДСМ, ЕЛЕМ продава енергија на европските пазари и годишно заработува по 80 милиони евра, пари кои ги инвестира во граѓаните, а не како ВМРО-ДПМНЕ во барокни згради. Нагласуваат дека во тек е интензивна  гасификацијата на државата, во здравствените домови…

На оваа реакција на СДСМ, следуваше реакција на ВМРО-ДПМНЕ од каде констатираат дека СДСМ не наведуваат конкретни проекти, бидејќи Заев не реализирал ниту еден.

„Во реакцијата обвинува дека денес ВМРО-ДПМНЕ предлага проекти кои Заев ги реализирал, а во продолжение не наведува ниту еден таков зашто Заев има нула реализација на проекти. Освен тоа што СДСМ е посветена на крадење на пари од граѓаните, сериозно е посветена и на крадење на проекти од ВМРО-ДПМНЕ, како што беше она копирање на Заев кој го вети по три години власт автопатот Велес-Битола, кој Христијан Мицкоски го најави две недели претходно“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Чија е идејата за автопатот Велес-Битола за граѓаните веројатно ќе остане мистерија бидејќи од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Мицкоски го најавил пред две недели. Заев за автопатското поврзување на Велес-Прилеп-Битола зборуваше на средбата на Регионалната стопанска комора во Прилеп, што се одржа во средата оваа недела. Тој дури најави дека за овој проект веќе постои идејно решение. (Н.В.)