Органска храна и без алкохол: Лени Кравиц доаѓа во Скопје со личен готвач


Поп-ѕвездата Лени Кравиц (54) доаѓа во Скопје два дена порано пред закажаниот концерт во Арената „Борис Трајковски“ , на 1 мај, заедно со неговата екипа составена од 60-тина луѓе, 10 камиони и 6 автобуси, бидејќи станува збор за големо шоу со масовна продукција.

Турнејата „Raise vibration“ почнува во петок, а Македонија е негова трета концертна станица, пред Словенија и Австрија. Од она што се издвојува во неговата рајдер листа, интересно е што Лени носи со себе личен готвач кој ќе му подготвува храна на лице место.

-Околу оброците што треба да му бидат подготвени, нема некои посебни барања. Сака да се храни здраво, па така во оброците потребно е да бидат вклучени свежи сезонски салати, супа, повеќе видови на месо (пилешко, мисиркино, риба), квалитетни сирења и сувомеснати производи, многу овошје (органско и потребно е да стои налепница дека овошјето е органско), како: банани, јаболка, мандарини, круши, манго, авокадо, потоа суво овошје, апетисани, чаеви, кафе и свежо цедени сокови. Алкохол нема. Пијалоците бара да му бидат исклучиво на собна температура, велат ексклузивно за „Независен весник“ од „Авалон продукција“.

„American Woman“, „Are You Gonna Go My Way“, „Believe“, „Fly Away“, „Again“, „Let Love Rule“, „Chamber“, се само дел од хитовите кои ќе ги слушнеме во Скопје, во сала со капацитет од 8.000 посетители.

Картите за ексклузивниот концерт на Кравиц во Скопје се движат од 1990 до 3.990 денари. (Л.С.)