Организиран превоз за здравствените работници во полициски час

Фото: Б. Грданоски

Во соработка со Град Скопје ќе се организира превоз со возила на ЈСП и со други возила за лицата што имаат дозволи  и одат на работа во време на забрана за движење, пред сè, за вработените во здравствени установи и Клиничкиот центар, кои не можат сами  да се организираат додека трае полицискиот час, соопшти министерот Дамјан Манчевски.

Во сесијата прашања и одговори на тема „Ограничено движење“, министерот вечерва рече дека ќе биде објавена точна маршрута по која ќе се движат возилата што ќе ги користат вработените со дозволи за движење, а турите ќе завршуваат пред здравствените установи. Ќе бидат организирани и во други градови и притоа ќе покриваат што поголема територија.

Во однос на такси-превозот, Манчевски рече дека во Скопје се организирани дежурни такси-возила кои може да  превезуваат граѓани од нивниот дом до некоја здравствена установа во време на полициски час ако имаат потреба, и оние граѓани кои имаат дозвола за движење.

-Огранизиран е одреден број такси-возила за кои секојдневно Град Скопе ги доставува информациите до Министерството за внатрешни работи, така што знаеме кои возила се на терен и возат. Граѓаните може да се јават на редовните броеви за такси, тоа сè уште функционира, додаде Манчевски.