Организаторите на концертот на Ганс ен роузес ќе им ги вратат парите на посетителите заробени во токени


Додека музичкиот дел од концертот на американските рок легенди Ган ен роузес во Белград на 19 јули протече на големо задоволство на публиката, логистичките проблеми на многумина им го поматија добриот впечаток.

Концертот првобитно беше најавен како „безготовински“ (cashless), односно како место каде што организаторот има монопол врз сите финансиски трансакции. За посетителите да може да купуваат пијачки или други производи, како брендирани маички, требаше прво да купат „токени“ што требаше да служат како локална валута. Токените се купуваа преку интернет за користење преку мобилната апликација, или на посебни киосци во самиот парк, при што се добиваа т.н. „кешлес“ картички.

Откако на почетокот на концертот „падна“ целиот електронски систем на фирмата „Ефинити“, апликацијата и картичките беа нефункционални. Таа не можеше да се користи и како средство за покажување влезници и како средство за плаќање на шанковите. Заради шанковите и продавниците почнаа да прифаќаат плаќање во кеш, а токените останаа непотрошени.

Падот на системот доведе и до низа други логистички проблеми. Голем дел од публиката беше заглавена на влезот, бидејќи заради нефункционирање на електронската форма на влезниците, требаше многу повеќе време да се проверат и пуштат гостите. Организаторите дополнително ја искомплицираа ситуацијата со задржување на дел од публиката преку бариери низ паркот Ушќе, наизглед да се намали притисокот на влезовите. За жал, таму пак поради слабо означување и неефикасност на вратарите, се создаде уште поголема гужва заради која многумина беа присилени да го престојат настапот на предгрупата Паблик енеми надвор, пред вратите.

Гужва пред влезните капии на концертот на Ушќе. Фото: Мета.мк

Високите цени на пијачките и маичките дополнително ја искомплицираа ситуацијата, бидејќи посетителите не можеа да купуваат со нормални банковни картички, а немаа сите понесено доволно кеш. На пример, шишенце вода или конзерва газиран пијалак беа наплатувани по околу 500 динари (4 до 5 евра), додека алкохолните пијалаци беа неколку пати поскапи, а најниска цена на брендирана маичка беше 6000 динари или 50 евра, а за дуксер 12000 динари или 100 евра.

Преку својот профил на Инстаграм фирмата „Ефинити“ објави што треба да се направи за да се изврши рефундирање на неискористените токени. Доколку се купени преку апликацијата, треба да се прати порака по е-пошта на [email protected] со копија на мејлот што е добиен при купувањето и фискалната сметка. Рок за поднесување на барања за рефундација е 25 јули (петок).

На самиот концерт, организаторите не објавија дека посетителите што купиле токени ставени на „кешлес“ картичка треба веднаш физички да отидат на штандот на „Ефинити“ пред паркот Ушќе во текот на вечерта на концертот.

За муштериите со картички не е објавена дополнителна опција за враќање на вложените пари преку интернет. Ова може да претставува проблем за илјадниците македонски гости, кои изминатата недела го посетија Белград токму заради концертот, а заминуваа назад кон дома ден или два потоа. (Мета)