Организатори за складирање мобилни телефони за поголема активност на основците во Карпош

Организатори за складирање мобилни телефони се поставени во десет основни училишта на територијата на општина Карпош. Учениците и наставникот имаат можност во еден од организаторите пред почеток на часот да го остават својот мобилен телефон и да си го земат по завршување на часовите. Се работи за пилот проект на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, поддржан од ЕУ што за првпат се спроведува во општина Карпош.

Како што информира градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев при денешната посета на основното училиште „Војдан Чернодрински“ каде се промовираше ограничувањето на користењето на мобилни телефони, целта е учениците за време на предавањата и часовите да ја следат наставата и активно да следат наместо да гледаат во своите телефони. Со тоа, посочи, да добијат повеќе слободно време кога ќе се вратат дома, полесно да ја совладаат материјата во училиште, повеќе слободно време да имаат дома кое што ќе можат да го искористат за спортување, дружење и за користење на мобилните телефони и интернет.

– Како општина не сме против дигитализација, напротив, целосно го поддржуваме процесот на дигитализација во образованието, но технологијата што е прилично напредна во денешно време да се користи само за едукативни цели и нешто што ќе може навистина да им користи на учениците и наставниците, вели Богоев.

Претседателот на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ Дамјан Николовски посочи дека во рамки на проектот се спроведувала кампања преку која се кажувале негативните ефекти од прекумерната употреба на технологиите. Се спровело и истражување во сите училишта за да се утврди мислењето на наставниците и на учениците.

– Речиси 100 отсто од наставниците тврдат дека доколку учениците за време на наставата ги немаат своите мобилни во себе самиот час ќе тече подобро и ќе имаат поголем фокус, 78 проценти од учениците имаат телефон за време на наставата и голем процент од нив телефоните ги користат за да ги посетат социјалните мрежи што не е дел од наставната програма, информира Николовски.

Тој вели дека имаат согласност од родителите, а учениците не се противат на тоа и им изгледа интересно.

Следна општина со која веќе се дискутирало на оваа тема е Центар, а од Здружението и од општината се надеваат дека проектот ќе се прошири и во останатите општини, а во блиска идинина и на државно ниво.