„Оревокршачка“ на Новогодишниот базар Winter Wonderland во Сити Мол 


Студиото за детски мјузикли „Broadway Junior“, премиерно на 28 ноември, својот најнов проект Мјузикл за деца и младинци „Оревокршачка“ ќе го изведе пред скопската публика како дел од богатата програма за деца на Новогодишниот базар Winter Wonderland во Сити Мол – Скопје.

Втората изведба на мјузиклот „Оревокршачка“, чиј препев на македонски јазик го напиша Весна Малинова, ќе биде претставен на 5 декември.

– Клара (Ангела Алексовска) и Оревокршачот (Лука Златков), ќе ве поведат на волшебно, божиќно патување низ Кралството на слатките, во кое ќе ги сретнете Шеќерната самовила, шеќерните флејтички и разиграните цвеќиња. Ќе имате можност да „заиграте“ руски и арапски танц и да го „вкусите“ познатиот кинески чај. Оваа безвременска приказна носи силна порака за љубезноста и толеранцијата, почитта кон традицијата и семејните вредности, остварување на соништата, верба во себе и победа на доброто над злото, а таа порака е уште посилна кога е пренесена од деца за деца, истакна диригентката Наташа Лалчевска, која работеше на проектот.

Кореограф на мјузикот е Биљана Стојановска Трајковска, Стефани Стојановска е асистент кореограф, а Радо Алексовски е задолжен актерската игра.

– Во периодот околу Нова Година и Божиќ, балетските куќи ширум светот го изведуваат класичниот балет Оревокршачка, на П.И.Чајковски. Познатата приказната на Е.Т.А. Хофман за „Оревокршачот и Кралот на глувците“, која била инспирација за создавање на овој балет, преплетена со певливите танци на Чајковски, кај нас за првпат ќе се изведе во форма на мјузикл, наведе Лалчевска.

Студиото, во кое членуваат деца и младинци од 7 до 17 години, е дел од Здружението за инклузивно и неформално образование Крео-Аксис од Скопје.

Проектот е финансиски поддржан од Град Скопје, во рамки на програмата за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје за 2021 година.