Орце прогласи победа и помина под Триумфалната капија (Видео)


Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, прогласи победа во изборот за градоначалник на Скопје.Се очекува голема разлика во однос на гласовите на противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ.

Со скандирања „Орце, Орце“ и „ВМРО-ДПМНЕ“, Ѓорѓиевски, симболично помина под Триумфалната порта и беше пречекан со факели од неговите симпатизери, по што се упати кон централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се слави неговата победа.

Според пребројани 96 отсто од гласовите Ѓорѓиевски освои 92.207 гласови, додека Мециновиќ 58.313 гласови. 

По изборната победа Ѓорѓиевски изјави дека веднаш по примопредавањето на функцијата ќе започне со работа за подобрување на состојбите во главниот град.

-Веднаш по земањето на уверението, ветувам дека ќе се борам да ги поправиме состојбите. Дозволете ми да се заблагодарам на мојата најсилна поддршка претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Се собираа, се групираа, правеа јавни и тајни коалиции, но Скопје покажа дека е вистински обединет град и денеска ги поразивме сите. Бидејќи имаше и ниски удари, и удари под појас, рече Ѓорѓиевски во своето обраќање пред поддржувачите.