Орце Камчев нема бугарски дипломатски пасош, тврди Софија
Каква фотокопија доставил бизнисменот Орце Камчев до Кривичниот суд во Скопје на која се гледало дека тој има дипломатски пасош издаден од Бугарија. Лажна или вистинска? И дали навистина доставил до судот фотокопија од дипломатски пасош.
Бугарското министерство за надворешни работи објави денеска дека Камчев нема дипломатски пасош издаден од таа држава.
Ова е одговор на бугарското МНР на прашањето на софиски „Дневник“ – дали биле точни наводите од вчерашното рочиште од судењето за случајот „Плацеви на Водно“, кога судијата Илија Трпков рече дека Камчев до судот доставил копија од дипломатски пасош.
Според судијата Трпков, Министерството за правда треба да одлучи дали ќе го уважи барањето на бугарската амбасада, бугарски дипломат да ја посети ќелијата на Камчев во затворот во Шутка и да ги види условите во кои е сместен, затоа што притвореникот е и бугарски државјанин.
„Има вербална нота доставена од амбасадата на Бугарија со барање до Министерството за правда да дозволи советникот Герман Ванчев да го посети државјанинот на Република Бугарија, Јордан Камчев. Од моја страна е дадена дозвола да се изврши таа посета, исто како што беше и за Јан Фигел, иако во документите тогаш имаше само фотокопија од негов дипломатски пасош“, рече Трпков. Таа посета треба да се оствари на 5 ноември, рече Трпков.
„Дневник“ го прашал Министерството за надворешни работи на Бугарија зошто токму сега била побарана посетата на бугарски дипломат на Камчев во затвор (на неколку дена пред вториот круг на локалните избори во Македонија), а посетата ќе се реализира на 5 ноември, на десетина дена пред претседателските и парламентарните избори во Бугарија. Орце Камчев е во притвор уште од март оваа година.
Во писмениот одговор до „Дневник“, МНР објаснува дека тоа било побарано од адвокатите на Камчев, кој е и бугарски државјанин, а Виенската конвенција ја обврзува земјата да одговори.
„Согласно Виенската конвенција, бугарските дипломати во странство се обврзани да обезбедат конзуларна помош на барање на сите бугарски државјани кои живеат во конзуларната област на мисијата“, соопшти бугарското МНР.
Бугарската страна двапати побарала дозвола од македонското Министерство за правда, но според МНР дури на 18 октомври добила известување дека процедурата е променета и барањето мора да биде испратено преку македонското МНР. „Постапката за добивање дозвола за посета започна веднаш по барањето на адвокатите на господинот Камчев“, соопшти МНР.
Орце Камчев пред неколку години беше предложен од кабинетот на Бојко Борисов за бугарски почесен конзул во Охрид, но тоа барање не беше прифатено од македонската влада.