Орце Камчев не дојде да сведочи за Мијалков


Осомничениот бизнисмен, Орце Камчев ја примил судската покана да се појави како сведок на денешното рочиште за случајот „Тортура“, но не дојде да сведочи за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој е обвинет за нечовечкото апсење на поранешниот министер и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Обвинителот од Специјалното јавно обвинителство, кој го води овој случај, Љубомир Лапе, побара Камчев да биде стражарно приведен, па судијката Александра Ристеска нареди Камчев за наредното рочиште, закажано за на 5 јули да биде приведен со полиција. Сепак таа му даде можност доколку го оправда отсуството, наредбата ќе биде повлечена.

На рочиштето денеска како сведоци беа повикани и новинарката Оливера Трајковска и поранешниот портпарол на МВР, Иво Котевски, кои за разлика од Камчев, не ги примиле поканите. Таа не била дома, па поканата да сведочи и била оставена на врата, додека за Котевски нема доказ за уредна достава на поканата.

На денешното рочиште не дојде ниту еден од сведоците кои ги предложи Специјалното јавно обвинителство, а се одложи бидејќи во судница не се појави обвинитениот Метуш Шабани, припадник на Алфите. Нему ми било повредено коленото, за што адвокатот достави медицинска документација.

Во еден од нелегално прислушуваните телефонски разговори што во јавноста беа објавувани од страна на непознати лица, новинарката Трајковска во разговор со Камчев му вели да му пренесе на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, дека не ѝ се допаѓа апсењето бидејќи е веднаш по избори.

Овој разговор беше пуштен во кривичниот суд како дел од доказната постапка за случајот „Тортура“.

„Не ми се допаѓа ова, да му кажеш на пријателот твој, уште прв ден по избори“, вели Трајковска во разговорот, но во следен разговор таа го одобрува апсењето бидејќи, како што вели, Бошкоски извршил кривично дело.

Котевски, кој сега е директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ е повикан за сведок по предлог на СЈО бидејќи во доказната постапка беше објавен негов телефонски разговор со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Од разговорот се слушна како Јанкулоска му кажува на Котевски да не ги пуштаат снимките на кои се гледа насилното приведување на Бошкоски бидејќи тој претходно ја информираше дека постоела снимка каде што обвинетиот Ивица Антевски-Пуки му ставил пиштол во уста на Љубе.

Во случајот „Тортура“, покрај ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, обвинети се и поранешниот прв човек на единицата „Алфа“, Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата. Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.