Орце како лоша и опасна шега – ќе го претворел Аквадуктот во концертна сцена, реагира СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Кандидатот за градоначалник на Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вчера најави дека има план Аквадуктот да биде претворен културен парк – со сцени за концерти, настани и фестивали. Денеска СДСМ му се потсмева и вели дека тоа се „опасни идеи“.

„Откако го најави ‘мега’ проектот градски воз од Драчево до центарот на Скопје, сега Орце реши да го претвори Аквадуктот во концертна сцена и Калето во забавен парк. Очигледно, единственото што недостига во неговата визија е лунапарк на Водно и аквариум во Вардар. 

Но, лошите шеги на Орце и ваквите изјави не се смешни, туку опасни и треба сите да нѐ загрижуваат. 

Аквадуктот не е сцена, ниту е парк за фестивали. Тоа е заштитено културно наследство од највисока категорија, кое бара конзервација и стручна грижа, а не бетон, звучници и пластични столчиња.

Калето не е простор за политички експерименти, туку симбол на Скопје и клучен дел од идентитетот на градот.

Орце Ѓорѓиевски очигледно не разбира дека културата не е маркетинг, а културното наследството не е терен за некоја градежна фирма блиска до ‘твојот човек’ Орце. 

Скопје според него ќе биде град на фестивали, но без институции, без уметници и без почит кон културното ткиво што го држи овој град жив“, велат од СДСМ.