Орбан: Вината за поразот е 100 отсто моја

Досегашниот унгарски премиер не верувал дека ќе ги загуби изборите во неделата


 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вечерва изјави дека ја прифаќа целосната одговорност за поразот на изборите, не одговарајќи јасно на прашањето дали ќе се повлече од функцијата лидер на Фидес, додека за изборот на новата влада само рече – „Боже, спаси ја Унгарија“.

Никогаш не сум толерирал никаква корупција, отфрлам каква било пропаганда поврзана со неа, изјави Орбан за каналот „Патриот“, откако во неделата неговиот противник Петер Маѓар и партијата Тиса успеаја да ја добијат поддршката на повеќе од три милиони гласачи, ветувајќи дека ќе го елиминираат системот на корупција вкоренет под владата на Фидес и ќе ги поправат односите со Брисел.

Би бил најсреќниот човек ако можев однапред да ги видам резултатите од изборите. И јас мислев дека ќе победиме, нѐ имаше толку многу, рече премиерот во заминување, тврдејќи дека не очекувал пораз.

Орбан е изненаден што сите гласачи, кои останаа дома на претходните избори, сега гласаа против него и смета дека е важно да се испита зошто Фидес не успеа да ги освои, објави „Маѓар немзет“.

Да не се преправаме дека целата земја ја отфрла претходната влада, рече Орбан, нагласувајќи дека Фидес има 2,3 милиони гласачи.

„Бог да ја чува Унгарија“, рече Орбан, додавајќи дека се сомнева оти новите луѓе на власт ќе можат безбедно да ја заштитат земјата од проблеми како што се војната, енергетската криза, инфлацијата и миграцијата.

Тој рече дека ќе ги поддржи сите добри работи што ги прави новата влада, но ќе гласа против она што не го смета за добро.

Орбан, исто така, наведе дека не е правилно да се повикува претседателот на државата, кој е избран од парламентот, да поднесе оставка, ниту е правилно да се повикуваат избраните раководители на други државни институции да поднесат оставка.

Лицата кои извршуваат уставни функции не смеат да бидат загрозени, а ако сакаат да ги отстранат, треба да побараат правна заштита. Ова се загрижувачки и погрешни работи, рече Орбан, одговарајќи на повиците на идниот премиер Петер Маѓар до претседателот Тамаш Суљок да поднесе оставка.