Орбан веќе нема никого да му го чува грбот во ЕУ


Полска и Унгарија се лошите момци на Европската унија кои извесно време си го потпираа грбот. Инвазијата на Владимир Путин на Украина сега се чини дека може да предизвика распад.

Најновиот обид на ЕУ да ја казни Будимпешта за начинот на кој ја задави демократијата може да биде момент кога Полска ќе открие колку е вознемирена од својот некогашен партнер во криминал. Сето тоа укажува на промена на сојузите во ЕУ, предизвикани од почетокот на војната која беснее блиску до границите на блокот повеќе од девет месеци. Иако новата италијанска влада може да испрати некои позитивни вибрации на Унгарија, Полска може да оди во спротивна насока. На долг рок, тоа може да го направи Орбан поизолиран кога ќе се обиде да му се спротивстави на Брисел.

И покрај тоа што имаат заедничка амбиција да се спротивстават на политиката на владеење на правото во ЕУ, Унгарија и Полска сега се наоѓаат во „сè потоксични односи“, според Јакуб Јарачевски, координатор за истражување на Democracy Reporting International, невладина организација со седиште во Берлин. Но, според него, тоа е врска со која тие се заглавени.

Прорускиот став на унгарскиот премиер Виктор Орбан е тој што ги влоши работите. Најновите политики што ја налутија Варшава се ветото на Орбан за пакетот помош од 18 милијарди евра од ЕУ за Украина и глобалниот договор за минимален корпорациски данок – потези што Унгарија ги гледа како начин да  изврши притисок врз Европската комисија да ги ослободи средствата што моментално ги задржува а треба да одат во буџетот на Будимпешта како резултат на ограничувањата на демократските слободи.

Додека пред инвазијата на Путин Варшава можеби го гледаше ова како легитимен курс на дејствување, сега, бидејќи зазема тврд став кон Русија и се обидува да и помогне на Украина, безмилосната тактика на Орбан може да предизвика пресврт. Расправијата е на пат да ескалира за неколку дена кога владите ќе гласаат за замрзнување на повеќе средства од ЕУ за Унгарија. Комисијата треба официјално да го предложи овој потег во среда. Полска е соочена со избор да продолжи да обезбедува политичко покритие за Будимпешта или да се дистанцира, рекоа претставници на ЕУ.

Двете земји долго време се поддржуваат така што си помагаа со вета една на друга околу санкциите и казните изречени од Комисијата – таканаречениот процес од член 7 кој ги суспендира гласачките права на владите во ЕУ кога има прекршување на основните вредности на ЕУ. Комисијата покрена постапка против двата главни града поради демократско назадување, но бидејќи таа казна требаше да ја прифатат сите други земји од ЕУ, Унгарија и Полска  успеаја да се спасат меѓусебно.

Предлогот на Комисијата од средата се однесува на замрзнување на 7,5 милијарди евра од редовните фондови на ЕУ и 5,8 милијарди евра грантови за опоравување за Унгарија додека владата на Орбан не се усогласи со 27 реформи, вклучувајќи антикорупциски мерки и судски реформи. Жешкиот компир потоа им се предава на главните градови на ЕУ, од кои ќе биде побарано условно да го одобрат планот , како и да ги замрзнат редовните средства од 7,5 милијарди евра. Одлуката треба да биде донесена на собирот на министрите за финансии во моментов закажан за 6 декември, но поголема јасност ќе се појави на состанокот на амбасадорите на ЕУ во четврток. 

Унгарија не исклучува ескалација на прашањето на самитот на лидерите на ЕУ во средината на декември.

„Предлогот на Комисијата беше ладен туш за нас, бидејќи немаше други знаци дека ќе има проблем со довербата“, изјави унгарскиот министер за развој Тибор Наврачич, задолжен за преговорите со ЕУ, во интервју за ПОЛИТИКО оваа недела.

До одреден степен, одлуката на Полска овојпат ќе биде симболична и нема да има некаков конкретен ефект. Дури и ако Полска и Италија – каде изборите во септември доведоа до формирање на конзервативна влада со проруски елементи – гласаат со Унгарија, веројатно и двете одлуки ќе бидат усвоени со квалификувано мнозинство, што ќе изнесува 55 отсто од земјите на ЕУ, што претставува 65 проценти од населението на блокот. Со тоа Унгарија ќе добие одобрение, но нема да добие средства додека не ги исполни сите барани реформи.

Во овој момент, не е јасно како Полска ќе гласа за прашањето за ослободување средства за Унгарија, велат официјалните лица, но многу ќе зависи од тоа дали Будимпешта ќе се откаже од своите вето, особено за украинската помош.

И Полска има личен интерес. Се обидува да ги добие  фондовите на ЕУ од Брисел и покажува мали знаци на подготвеност да го смени ставот.  Со оглед на тоа што изборите следната есен изгледаат сè понеизвесни, владата има интерес да добие одобрение од Комисијата за исплати.

Во знак, според Јарачевски, дека „полската влада полека попушта“, полскиот Врховен суд одлучи дека Игор Тулеја – судија кој стана симбол на спротивставување на владините судски политики – може да се врати на работа откако беше суспендиран на две години по наводите за погрешни постапки од страна на владините обвинители.