Орбан се премисли – сега е за задолжителна вакцинација

Новиот пакет мерки на унгарската влада предвидува работодавците да имаат право да бараат доказ од вработените дека се вакцинирани


Во октомври Виктор Орбан тврдеше дека задолжителните вакцини нема да функционираат

 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан направи целосен пресврт во неговите ставови околу вакцинацијата против Ковид-19. Владата сега предложи пакет мерки според кои работодавците ќе имаат право да бараат од работниците да приложат доказ дека примиле вакцина. Претходните коментари на унгарскиот премиер беа дека задолжителните вакцини нема да функционираат.

Како дел од пакетот мерки што вклучува носење маски во јавниот превоз и затворање на болниците за посетителите, владата во четвртокот (28 октомври) рече дека работодавците ќе имаат можност да бараат вакцинација како услов за вработување.

Без да даде детали, Гергели Гулјаш, министер задолжен за кабинетот на премиерот, рече дека унгарската држава, исто така, „широко ќе ја искористи“ оваа опција како работодавач.

На сите работодавци ќе им се даде ова право, иако поединците би можеле да бидат изземени од здравствени причини. Оние кои сепак одбиваат да се вакцинираат ќе бидат испратени на неплатено отсуство и ќе можат да бидат отпуштени по една година.

Речиси 58% од Унгарците досега се целосно вакцинирани според податоците додека просекот во ЕУ изнесува 64%. Пресвртот во ставот на владата веројатно доаѓа и поради тоа што бројките на починати во унгарија во последно време ретко паѓаат под 100 дневно. Унгарија е во самиот врв на европските земји според бројот на починати на еден милион жители.