Орбан сака санкциите за Русија да се укинат до крајот на годината

Унгарскиот премиер им дал задача на членовите на Фидес да направат сѐ Европа да ги укине санкциите против Москва


 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан сака санкциите на ЕУ кон Русија да бидат укинати до крајот на годината, објави во четвртокот провладиниот дневен весник „Маѓар немзет“. Орбан, кој бараше блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин во последниве години, често ги оспоруваше санкциите што беа воведени кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Според Орбан, санкциите се повеќе штетни за Европа отколку за Русија.

„Маѓар немзет“ објави дека Орбан ги повикал членовите на неговата партија Фидес на состанок зад затворени врати доцна во средата за укинување на санкциите.

„Според нашите информации… Орбан ги повика членовите на Фидес да направат сѐ за да обезбедат Европа да ги укине овие санкции најдоцна до крајот на годината“, пишува весникот.

Владата соопшти дека ја потврдила содржината на написот. Тоа доаѓа додека Брисел се обидува да воведе дополнителни санкции кон Русија.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто рече дека дополнителните санкции само ќе ги „продлабочат тешкотиите“.

„Европа повеќе страда од ограничувањата наметнати како одговор на војната во Украина отколку Русија, и затоа треба да се заборави осмиот пакет санкции“, рече тој на Генералното собрание на ОН во Њујорк претходно оваа недела.

Унгарија е погодена од рекордно висока инфлација. Земјата е многу зависна од руската нафта и гас, а се стравува и за нејзините енергетски резерви.

Во меѓувреме, владејачката партија на Орбан, Фидес, објави дека наскоро ќе започне национална јавна консултација за прашањето на санкциите – метод што претходно се користеше за да се осуди миграциската политика на ЕУ, на пример.

Таа ќе има за цел да им даде шанса на Унгарците да го кажат своето мислење, изјави за новинарите Мате Кочиш, шеф на парламентарната група на партијата.

„Не е нормално за санкциите да одлучува само бриселската елита“, рече Кочис.

Министрите за надворешни работи на ЕУ во средата одржаа итен состанок за да разговараат за ова прашање откако Москва мобилизираше резервисти за нејзината војна во Украина.

Конечната одлука треба да се донесе на формална седница.