Орбан радосен од победата на проруската партија во Грузија. Ќе оди во Тбилиси

Уште едно патување на унгарскиот премиер додека претседава со ЕУ ќе додаде ново масло на огнов во недоразбирањата меѓу Будимпешта и Брисел


Виктор Орбан за време на говорот во Будимпешта на годишнината од Унгарското востание (Фото: Ројтерс)

 

Виктор Орбан заминува за Грузија откако ѝ честиташе на владејачката партија Грузиски сон за нејзината „преголема победа“ на парламентарните избори и покрај широката загриженост за заплашување и принуда на гласачите.

Унгарскиот премиер ќе ја предводи делегацијата на неговите високи министри за да се сретне со премиерот на Грузија, Иракли Кобахидзе, во дводневна посета што ќе ги налути колегите лидери на ЕУ во време кога Унгарија претседава со ЕУ.

Орбан „не ја претставува Европската унија“ на неговата посета, изјави во понеделникот највисокиот дипломат на блокот Жозеп Борел за шпанското јавно радио. „Ротацискиот претседател на Унијата нема авторитет во надворешната политика“, додаде тој.

Во изјавата објавена во неделата потпишана заедно со Европската комисија, Борел ја истакна загриженоста за пријавениот притисок и заплашувањето на гласачите за време на изборите во сабота. „Ја повикуваме Централната изборна комисија на Грузија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност за брзо, транспарентно и независно испитување и пресудување на изборните нерегуларности и наводите за нив“.

Унгарскиот лидер пристигнува во Тбилиси додека опозицијата повикува на протести поради изборните резултати кои им нанесоа удар на надежите на Грузија за членство во ЕУ. Грузиската про-ЕУ претседателка, Саломе Зурабашвили, изјави дека не ги признава резултатите и дека нејзината земја станала жртва на „руска специјална операција“.

Унгарскиот премиер ги упати своите честитки до Кобахиѕе и партијата Грузиски сон за „нивната огромна победа“ во саботата, дури и пред да бидат објавени изборните резултати.

Тим од Европскиот парламент испратен да ги набљудува изборите соопшти дека открил еден случај на полнење гласачки кутии, како и „физички напад врз набљудувачи кои се обиделе да пријават прекршоци, отстранување на набљудувачите и медиумите од избирачките места, кинење на поплаки од набљудувачи, заплашување на гласачи внатре и надвор од избирачките места, присуство на повеќе партиски набљудувачи кои се претставуваат како граѓански набљудувачи“.

Шпанскиот европратеник од десниот центар Антонио Лопез-Истуриз Вајт, кој ја предводеше делегацијата, исто така рече дека имало напори „да се поткопа и манипулира гласањето“, како што е притисокот врз државните службеници да учествуваат во настаните од кампањата и да гласаат, како и злоупотреба на државните ресурси во корист на владејачката партија. „Изразуваме длабока загриженост за демократското назадување во Грузија“, рече тој.

Холандскиот европратеник Тајс Ројтен, кој не беше дел од делегацијата, ги повика 26-те други земји-членки на ЕУ и Комисијата да му се спротивстават на унгарскиот лидер. „Легитимирањето на овие избори од страна на Орбан ја поткопува самата ЕУ“, напиша тој на Икс.

Поранешниот белгиски премиер Ги Верхофштад на Твитер напиша: „Додека Грузија е насочена кон Москва со мешање на Кремљ, Виктор Орбан лета во Тбилиси за да поддржи корумпирани избори. Лидерот на ЕУ сега отворено работи за Москва и европските демократи седат без работа! Првиот чекор, конечно отстранете ги гласачките права на Орбан во ЕУ“.

Европскиот парламент започна постапка за санкции против владата на Орбан во 2018 година, која на крајот може да ѝ го одземе правото на глас на Унгарија во ЕУ, но процесот замре.

Портпаролот на Орбан рече дека тој бил поканет од Кобахиѕе и ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, министерот за економија, Мартон Наѓ, и министерот за финансии, Михали Варга.

Тоа наликува на бесот околу слободната дипломатија на унгарскиот лидер во летото, кога тој ги посети Киев, Москва, Пекинг и домот на Доналд Трамп во Мар-а-Лаго во таканаречената мировна мисија.

Тоа, исто така, го поставува теренот за тежок самит на ЕУ следната недела, кога лидерите ќе се соберат во Будимпешта, формално да разговараат за единствениот пазар на блокот. Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, во неделата објави дека Грузија ќе биде додадена на агендата. „Наводните неправилности мора сериозно да се разјаснат и решат“, напиша тој на Икс.