Орбан очекува и до 200.000 заболени во Унгарија


 

БУДИМПЕШТА – До 200.000 Унгарци би можеле да се заразат со коронавирус според најлошото сценарио на Владата, изјави во понеделникот премиерот Виктор Орбан во парламентот, додавајќи дека здравствениот систем ќе може да се справи со ваквите бројки.

По скокот на случаите од крајот на август, Унгарија објави 876 нови инфекции во понеделникот, со што вкупниот број на случаи се искачи на 18.866 со 686 починати. Бројот на активни случаи се искачи на 13.779 врз основа на најновиот биланс.

Орбан, кој рече дека вториот бран на пандемија може да достигне врв во декември или јануари, им рече на пратениците дека според најлошото сценарио, на 16.000 Унгарци ќе им треба болничко лекување, а на 800 лица ќе им бидат потребни респиратори.

„За да бидам на безбедна страна, сметам дека треба да се удвојат бројките“, рече Орбан.

Владата на Орбан потроши 1,15 милијарди долари на 16.000 респиратори оваа година, откако премиерот рече во април дека на Унгарија ќе ѝ бидат потребни до 8.000 вентилатори и болнички кревети за интензивна нега за време на екот на кризата.

Орбан не ја разјасни во понеделникот причината за разликата помеѓу двете проценки за потребата од респиратори. Сепак, некои лекари и опозициски политичари предупредуваат дека недостатокот на овластени медицински сестри може да биде тесното грло на здравствениот систем. (Ројтерс)