Орбан ќе се приклучи на групата Европски конзервативци и реформисти
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата партија ќе се приклучи на групата Европски конзервативци и реформисти, во која е и партијата на италијанскиот премиер Џорџа Мелони, по европските избори, јави италијанската новинска агенција АНСА.
Изборот на Орбан меѓу конзервативците и екстремната десница беше една од интригите пред европските избори во јуни, откако неговата партија Фидес ја напушти Европската народна партија под голем притисок да биде исклучена. Оттогаш таа не избра европско семејство, а нејзините европратеници се независни.
„Идејата беше да се приклучиме уште порано, но во оваа фаза решивме да го направиме тоа по изборите за ЕП во лето“, изјави Орбан за италијанските весници „Република“ и „Стампа“ по самитот на европските лидери во Брисел.
За време на тој состанок, Мелони одигра улога во убедувањето на Орбан да се откаже од своето вето на одлуката за доделување на 50 милијарди евра помош од ЕУ за Украина, соопшти АНСА.
Европските конзервативци и реформисти беа основани во 2009 година од тогашниот лидер на британските ториевци Дејвид Камерон, кога Британија беше дел од ЕУ. Групата сега ги вклучува шпанската екстремно десничарска партија Вокс, полската партија Право и правда и шведските екстремно десничарски Шведски демократи, потсетува АНСА.