Оптимизмот се враќа на берзите – акциите скокнаа по претседателските избори во САД


Цените на акциите на светските берзи минатата недела нагло пораснаа, надоместувајќи ги сите загуби од претходната седмица, бидејќи инвеститорите очекуваат нови економски стимулации по претседателските избори во САД, пишува порталот SEEbiz.

На Вол Стрит, индексот Дау Џонс минатата недела порасна за 6,9 проценти, на 28.323 поени, додека С & П 500 скокна за 7,3 проценти на 3.509 поени, а индексот Насдак 9 проценти, на 11.895 поени.

Во фокусот на инвеститорите минатата недела беа претседателските избори во Соединетите држави, а цените на акциите нагло пораснаа, иако до крајот на работната недела не се знаеше дека ќе победи демократскиот предизвикувач Џо Бајден.

И покрај тензиите околу пребројувањето на гласовите, како и пораките на претседателот Доналд Трамп дека Демократите се обидуваат да му ја украдат победата и заканите за тужби, берзанските индекси забележаа најголем неделен скок од април. Ова се припишува на надежта на инвеститорите дека Републиканците ќе го задржат мнозинството на изборите за Сенатот, иако се очекуваше дека Демократите ќе го освојат. Затоа Конгресот може да остане поделен меѓу двете партии, бидејќи демократите го имаат мнозинството во Претставничкиот дом.

Ова значи дека ќе биде тешко да се направат големи промени во политиката во иднина.

Благодарение на тоа, се смирија стравувањата од значителни промени во политиката, на пример, дека новата влада во Белата куќа може да ги зголеми даночните стапки или да воведе построга регулатива во однос на големите технолошки компании.

Од друга страна, поделениот Конгрес значи и дека новиот пакет на фискална поддршка на економијата може да биде значително помал отколку ако демократите добиеа контрола во парламентот.

Но, инвеститорите се надеваат дека доколку продолжи тензијата во Конгресот околу стимулативните мерки, американската централна банка ќе реагира и ќе ја зголеми ликвидноста на финансиските пазари, што дополнително би ја стимулирало берзата.

По дводневната сесија, лидерите на ФЕД минатата недела рекоа дека монетарната политика останува непроменета и повторија дека ќе направат се што е потребно за да го поддржат закрепнувањето на економијата од корона кризата.

Се чини дека и натаму ќе имаме поделен Конгрес, така што значителни промени во политиката на фискално ниво се малку веројатни. Ако имаме слично економско опкружување како до сега, тогаш инвеститорите ќе треба да бараат заработка во овој кризен период во секторите што водеа досега според растот“, вели Дејвид Џој, стратег во „Ameriprise Financial“.

Благодарение на тоа, минатата недела технолошкиот сектор беше меѓу најголемите добитници, кој оваа година е водечки според профитот. Индексот S&P на здравствениот сектор исто така нагло се зголеми, бидејќи е малку веројатно дека нешто ќе се промени во здравствената политика.

Така, берзанските индекси на најголемата берза во светот ги надоместија сите загуби од претходната недела, кога нагло паднаа поради стравот на инвеститорите дека немилосрдното ширење на корона вирусот во светот ќе го забави закрепнувањето на најголемите светски економии.

Цените на акциите нагло пораснаа и на европските берзи минатата недела. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 6 проценти, на 5.910 поени, додека франкфуртскиот DAX скокна за 8 проценти, на 12.480 поени, а парискиот CAC 7,95 проценти, на 4.960 поени. На берзата во Токио, пак, индексот Никеи минатата недела порасна за 5,9 проценти, на 24.325 поени.