Оптимизацијата на училиштата може да трае со години – најголем проблем во Аеродром и во Кисела Вода


Ученици на екскурзија

Идејата да се оптимизираат училиштата, односно, да се затворат училишта каде има малку училишта и тие деца да се префрлат во поголемите улчилишта во близина е од корист и за децата и за државата, смета министерката за образование Весна Јаневска и на овој проблем работи откако седна во министерската фотелја.

Оваа промена ја најавува и поради интенцијата децата, каде што може, да учат во една смена, а не во две како досега. За тоа се потребни дополнителни простории во училиштата со многу ученици, а некаде е потребна изградба и на цели училишта.

Но, како што нагласува Јаневска, не секаде процесот оди без пречки. Така, вели таа, во општина Аеродром и во Кисела Вода во Скопје, има најголем проблем, затоа што се јавуваат проблеми со издавање градежни дозволи, како и поради немање доволно градежен простор, во општините кои се густо населени.

– Најголем проблем за доградба на училишта има во Аеродром и во Кисела Вода. Таму има проблем, таму ќе оди побавно процесот. Но, на пример, во Карпош, во Ѓорче Петров, во другите општини низ земјата, во Чаир има место за училиште, планираме да градиме. Таму кадешто има можности ќе се доградуваат училници или ќе се градат училишта – рече Јаневска при денешната посета на Титан-Усје, каде се обрати на отворањето на „Иноваториум – Клуб на напредни знаења и вештини“.

Јаневска е убедена дека училиштата со пет ученици не треба да функционираат и понатаму на тој начин, затоа што тоа е на штета на самите ученици. Смета дека тие деца, многу повеќе можат да постигнат доколку се дел од поголема група и ако работат во подобро опремени училишта

– Дел од училиштата ќе се оптимизираат. Училиштата коишто функционираат со пет ученици нема понатаму, и ова е заеднички процес, затоа го спомувам и тоа, нема понатаму да можат да опстојат. Тоа е на штета на учениците. Затворени ученици во група од пет, изолирани од останатиот свет не можат да постигнуваат резултати, како оние што се наоѓаат во поголеми групи во подобро опремени училишта (инфраструктурно и со опрема). Такашто тие процеси ќе одат заедничко. Тоа не може да се заврши во шест месеци, нека трае со години, треба да се заврши – додаде Јаневска.