Оптимисти – песимисти, што сакаше да каже Мицкоски
Лош избор на зборови или нивна лоша логичка комбинација денеска ја ставија во конфузија изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кога даваше оценка за одлуката на Владата српските граѓани во текот на летото да патуваат низ Македонија без да плаќаат патарини. Според Мицкоски, најдобро ќе било да се платат вакцините, „20, 30 или 40 илјади“, но не спомена дали треба да се плати и трудот и организацијата на српските здравствени работници. Потоа со објаснување што е оптимизам и песимизам се заплетка во изјавата, дадена во Охрид пред почетокот на работилницата која ја организираше партијата заедно со германската фондација „Конрад Аденауер“.
Овој оптимистичко-песимистички карамбол, Мицкоски го објасни вака:
„Наместо да си го платиме тоа колку што чини тие прават некоја гимнастика која ја доведува целата ситуација од глупост во глупост и ја прави парадоксална.
Сѐ повеќе треба да бидеме оптимисти кога мислиме дека го допреле дното сме биле песимисти, тие можеле да одат подлабоко. Затоа треба да бидеме оптимисти. Нивната глупост и нивното дно нема граница“, рече Мицкоски.