Опскурна фирма во Македонија шпионирала луѓе преку Фејсбук


 

Фејсбук откри компании кои шпионирале новинари и политичари, а меѓу државите каде што тоа се случувало се и Македонија и Србија.

Во својот извештај од 16 декември, компанијата „Мета“, која е сопственик на социјалната мрежа Фејсбук, откри неколку платенички компании за шпионирање на корисници, новинари и политичари.

Седумте компании кои „Мета“ ги идентификуваше во својот извештај се Cobwebs Technologies, Cognyte, Black Cube, Bluehawk CI, BellTroX и Cytrox.

Во извештајот не се објавени конкретните имиња на клиентите кои ги изнајмиле услугите на овие компании, ниту нивните цели, пишува Радио Слободна Европа.

Повеќето од овие компании се од Израел, освен Cytrox со седиште во Македонија и BellTroX со седиште во Индија.

Според овој извештај, израелската компанија „Когните“ имала клиенти од Србија.

Компанијата, наводно, продава пристап до својата платформа, која овозможува управување со лажни профили на платформите на социјалните медиуми, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Јутјуб и ВКонтакте (ВК) и други веб-локации на луѓе кои се занимаваат со социјално инженерство и собирање податоци.

Според извештајот, компанијата Мета отстранила 100 профили на оваа израелска компанија на Фејсбук и Инстаграм, кои биле користени за комерцијално шпионирање на корисниците.