Општинскиот циркус со „Северна“ ќе ја однесе Македонија во изолација  


Со непочитување на потпишан меѓународен договор Мицкоски ќе прати порака и до Брисел дека Македонија најдобро да не почне преговори за членство никогаш (Фото: Б. Грданоски)

Во дипломатски кругови не ни сакаат да ја коментираат најавата на Мицкоски за Преспанскиот договор, бидејќи сметаат дека е несериозна и небулозна. Но штетите веќе почнаа да се бројат

 

Слободанка Јовановска

Деновиве кога и општинските советници, кои треба да расправаат за зелените агенди со кои ги добија изборите, го почнаа мандатот со бистрење висока политика околу Северна Македонија, стана јасно дека таа шпанска серија нема да престане и дека напротив – ќе се злоупотребува и на општинско ниво, зашто веќе почна кампањата за предвремени избори во земјата. Бидејќи таквите постапки имаат последици (веќе стигаат првите предупредувања од надвор), судбината на Преспанскиот договор се толкува според моменталната ситуација.

Па, така, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по силните обвинувања за национално предавство со договорот со Грција и преговорите со Бугарија, деновиве ретерираше со оценката дека – промената на името е реалност, но тој кога ќе дојде на власт ќе работи на тоа да се смени. А пред некоја година излегуваше со категорична изјава дека „никогаш нема да го користи името Северна Македонија, макар и да му го земат мандатот што го добил на избори“.

Сега место да ги повика советниците да го вратат мандатот, одеднаш стана реален и го одложи неприменувањето на новото име за некоја друга иднина што, според неутралните дипломатски проценки, никогаш нема да дојде. А, ставот го смени поради укажувањата дека новите советници со вака потпишани изјави за прифаќање на функциите, со Република Македонија, нема да ги добијат парите што им следуваат.

Но, ваквото блефирање на Мицкоски ѝ носи политички штети на државата. Леснотијата со која тој ветува напуштање на Преспанскиот договор се должи на тоа што, за да се стави тој надвор од сила, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот што никогаш не ќе може да го обезбеди. И процедурата за повлекување од Договорот во ОН не гарантира дека на крајот ќе го добиеме назад старото име на државата, бидејќи за приемот во ОН со новото име гласаа земјите членки на Советот за безбедност. Како ќе ги убеди Мицкоски САД, Франција, Британија, па и Кина и Русија, да ни го вратат името Република Македонија а да останеме и натаму земја членка на ОН, изгледа не ни размислува.

Во дипломатски кругови не ни сакаат да ја коментираат ваквата најава на Мицкоски за Преспанскиот договор, бидејќи сметаат дека е несериозна и небулозна. И да проба, и да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, нема гаранција дека ќе го врати името Рпублика Македонија во надворешна употреба, а ќе си платиме за штетата. Поедноставно, ќе ги изгубиме сите позитивни придобивки од Договорот во релација со САД, со ЕУ и со Грција (не станува збор само за членства, туку и за меѓусебни односи и финансиска помош), а нема да добиеме ништо. Бидејќи Мицкоски не е толку политички наивен, ако некогаш дојде на власт ќе мора да признае уште една реалност – дека единствено што може да направи е да не го почитува Договорот дома, иако главниот проблем е ефектот од Договорот надвор.

Од друга страна, пак, ваквиот потег ќе ги влоши инстантно односите со Грција каде едвај чекаат Македонија прва да повлече нога, бидејќи тоа што го бараше Атина како отстапки со децении не е исполнето во Договорот што го потпиша Алексис Ципрас. Реално главната цел на Грција беше Македонија никогаш да не стане членка на Европската унија, а Мицкоски ќе им даде аргументи, и покрај договорот, да ја вратат блокадата на Македонија во Брисел.

Со непочитување пак на потпишан меѓународен договор Мицкоски ќе прати порака и до Брисел дека Македонија најдобро да не почне преговори за членство никогаш, бидејќи не е доверлив партнер и веќе тргнува по  патот на актуелните владејачки гарнитури во Унгарија, Чешка, Словенија и Полска кои ја уриваат ЕУ одвнатре со противење на политики за кои немаа забелешки кога влегуваа во членство.

Најавата за непочитување на името Северна Македонија ќе биде и дополнителен аргумент за Бугарија кога тврди во Брисел дека Македонија потпишува договори што не ги исполнува и затоа спорот треба да биде дел од преговарачката рамка. Дури и да се смета на тоа дека Македонија никогаш нема да стане земја членка на ЕУ и дека нема потреба да опстојува на отстапките кон Бугарија и кон Грција, ваквиот потег ќе ја изолира целосно во регионот и ќе ѝ наштети на другите односи со Унијата, од која чекаме помош при секоја голема криза во земјата и која ни дава привилегиран третман во многу политики, од визниот режим до трговијата.

На крајот на краиштата, непочитување на потпишани договори е нецивилизациско според стандардите на меѓународната заедница, која би била во хаос ако политиките се засновуваат на пиши-бриши, во зависност од тоа кој е на власта во одредени држави. Тоа не само што ја прави државата карикатура во меѓународни рамки, туку може да има и директни последици за тие што најавуваат вакви политички потфати заради дограбување на власта. Над главата имено им виси и подзаборавениот Указ на претседателот на САД, Џо Бајден, кој бара да се стави на црната листа секој кој ќе ги стави под прашалник мировните договори во регионот, особено издвојувајќи ги Преспанскиот и Охридскиот. Мицкоски, ако не знае како изгледа тоа, нека го праша Никола Груевски при следната посета на Будимпешта. Никој во ЕУ и во САД веќе нема трпение за циркузантството како политика што доаѓа од нашиот регион. Уште повеќе што неговиот пример за собирање поени со негирање на договорите почна да го следи и Левица, а тоа го запали алармот во Вашингтон и во Брисел, бидејќи оваа партија оди и чекор натаму  најавувајќи промена на сѐ што беше стратегиска цел на Македонија досега. А тоа нема да го трпат.