Општинската администрација на Арачиново од денес нема да работи поради безбедносни причини


Информативната служба на Општина Арачиново ги информира граѓаните дека општинската администрација денеска нема да работи поради безбедносни причини.

-Почитувани граѓани, ве известуваме дека од безбедносни причини Општинската управа нема да работи од 25.05.2023 година (четврток) до нова одлука за која навремено ќе бидете информирани. Се извинуваме што нема да можеме да вршиме услуги и законски обврски кон граѓаните, но една ваква мерка е главно за безбедноста на вработените во општинската администрација, но и граѓаните кои се обраќаат до општината. Како што може да се информиравте и од медиумите, втор пат е нарушена безбедноста на вработените во општинската администрација и градоначалникот, па таква одлука беше неизбежна, објавија од општина Арачиново.

Ваквата одлука следува откако вчера беше обелоденето дека до градоначалникот Ридван Ибраими стигнале закани по живот. Полицијата уапсила 69 годишен маж од селото Арачиново откако претходно добила пријава од градоначалникот.

Ибраими пред два дена пријавил во СВР Скопје дека, додека не бил присутен во општинската зграда, Р.А. пред други присутни лица упатувал закани по животот на градоначалникот, а во врска со предмет за доделување на користење на земјиште.

По документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „Загрозување на сигурноста“.