Општините треба да ја подобрат наплатата на приходите, порачува Бесими

Потребно е подобрување на наплатата на приходи од страна на општините, јакнење на капацитетите на општините за подобро планирање, фискална консолидација, но и поголема транспарентност и отчетност на трошењето на парите. Ова се главните заклучоци од денешната конференција на УНДП на тема „По ковид-19: Градиме отпорни локални самоуправи“, а на која учествуваше министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Министерот, како што соопшти Министерството за финансии, потенцира дека од Буџетот на Република Северна Македонија се обезбедени стабилни приходи за општините од дотацијата од ДДВ, којашто се исплаќа во висина од 4,5 отсто од наплатениот ДДВ.

Со мерката што ја донесе Владата во рамки на четвртиот пакет, со цел обезбедување непречено финансирање, како референтен период наместо претходната ќе се земат последните три години. Во наредниот период поголемо внимание ќе се обрне на воведувањето систем за изедначување на приходите, со воведување критериум во постојната распределба на дотацијата од ДДВ, но притоа ќе се води сметка и за фискалниот напор што секоја општина го остварува. Со ова, од една страна ќе се настојува да се обезбеди порамномерна распределба на дотацијата од ДДВ, но истовремено ќе се поттикнат општините да преземаат мерки и активности за прибирање на со закон утврдените,приходи, вели Бесими.

По однос на дотациите за пренесените надлежности, во наредниот период ќе се работи на утврдување критериуми за распределба на доделените средства за пренесените надлежности во областа на основното и средното образование, културата, детската заштита и заштитата на стари лица и противпожарната заштита. Истовремено ќе се настојува висината на дотациите да биде согласно потребите на општините, почитувајќи ги законските одредби, при што е потребно да се направи и реорганизација на установите на локално ниво и да се обезбеди еднаков пристап на сите граѓани до услугите што ги нуди општината. Воедно ќе се работи на подобрување на квалитетот на локалните услуги за пренесените надлежности.

Порастот на сопствените приходи на општините, посебно на приходите од даноците на недвижен имот со подобар опфат на даночната основа на физичките лица и правните субјекти и повторна процена на вредноста на недвижниот имот, ќе продолжи и во текот на наредниот среднорочен период.

Бесими вели дека транспарентноста на општинските буџети треба да се зголеми. Министерството за финансии, на квартално ниво, на својата веб-страница објавува податоци  за реализираните приходи и расходи на општините, но и за висината на неплатените, а достасани обврски. Но, во наредениот период ќе се настојува кон зголемување на транспарентноста на општините и објавување на податоците од финансиското работење на нивните веб-страници, како и објавување на неплатените обврски спрема доверителите.

Тој потенцира дека Владата останува посветена на подобрување на финансиското работење на единиците на локалната самоуправа и поддршка на локалната власт.

Општините во наредниот период, покрај надминување на последиците од пандемијата предизвикана од ковид-19, ќе треба да ги зголемат напорите за прибирање на сопствените приходи и рационално трошење согласно потребните на граѓаните во истата.

На настанот поздравни обраќања имаа и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, заменичката на постојаната претставничка на УНДП, Сања Бојаниќ, претседателот на Комитетот на совети при ЗЕЛС, Томе Солевски, како и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.