Општините од крајниот Исток даваат пари на семејства со деца за подобрување на демографската слика


Парични средства за секое новороденче, субвенционирање на идните првачиња и средношколци и поддршка за самохраните родители. Ова е само дел од стратегијата на општините од крајниот Исток за подобрување на демографската слика на населението. Една од тие општини е и Општина Берово која годинава ги зголеми средствата за поддршка на секое новороденче, а ќе ги помага и родителите, чии деца годинава ќе тргнат за прв пат на училиште.

-Средствата за поддршка на семејствата со новородено дете претходната година изнесуваа 3.000 денари, додека оваа 2020 година таа сума е 5.000 денари за секое новороденче. Истовремено годинава Општината обезбеди парична поддршка за сите првачиња и ученици во прва година гимназија кои ќе учат во некоја од воспитно-образовните установи во Берово, истакнаа од Општина Берово.

Слична е ситуацијата и во општина Македонска Каменица. Поради стабилната финансиска состојба во оваа Општина за подобрување на демографската слика годинава ја зголеми финансиската поддршка за секое новороденче за околу 70 проценти.

-Ја зголемивме финансиската поддршка од 12.000 на 20 илјади денари додека од 6.000 на 10 илјади денари е зголемена помошта и за останатите новороденчиња. Како дел од таа поддршка во тек е изготвување на правилник кој е единствен во државата за помош на самохрани родители и еднородителски семејства и семејства кои во семејството имаат лица со посебни потреби, информираа од Општина М.Каменица.

Од таму додадоа дека општината финансиски го поддржува и превозот на децата од руралните средини до детската градинка. Целта на ваквиот чекор според нив е жените од руралните средини да бидат конкурентни на пазарот на труд.

Од Општините очекуваат оваа стратегија да влијае на подобрувањето на демографската слика која стагнира во последните десетина години.