Општините и планските региони можат да аплицираат на Јавниот повик на УНДП за финансирање техничка документација


Општините и планските региони имаат можност да добијат квалитетна техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти на нивната територија, кои имаат клучно значење за подобрување на условите за живот на граѓаните. Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) го објави Јавниот повик за финансирање техничка документација на кој можат да аплицираат сите локални самоуправи и осумте центри за развој на планските региони во државата.

– Главна цел на овој повик е да се изработи висококвалитетна техничка документација која ќе биде соодветна на барањата на клучните меѓународни и домашни донатори и во крајна линија ќе овозможи реализација на клучни инфраструктурни проекти на локално ниво, информира УНДП.

Станува збор за активност во рамки на Фондот за техничка документација, кој претставува инструмент за финансиска и техничка поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти на локално, меѓуопштинско и регионално ниво. Овој фонд е една од клучните компоненти на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, кој го имплементира УНДП со финансиска поддршка на Шведската агенција за меѓународна соработка (Сида) и Бирото за регионален развој.

На првиот од вкупно планираните три повици се обезбедени 10 грантови за изработка на техничка документација. Ќе се поддржат четири големи проекти во вредност до 70.000 американски долари, наменети за регионални, меѓуопштински или проекти од општини со седиште во град со повеќе од 25.000 жители, како и шест мали проекти (до 30.000 американски долари), поднесени од само една општина со седиште во град или село со најмногу 25.000 жители.

Средствата од грантот се наменети за финансирање на изработката на техничка документација, односно за потребните проектантски и поврзаните консултантски услуги за различни типови на локална инфраструктура. При тоа, добитниците на грантот ќе финансираат барем 20 отсто од вкупните трошоци за проектирање.

– Станува збор за успешен „рецепт“, со оглед на тоа што во првата фаза на „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ се изработи техничка документација за 56 проекти за комунална, транспортна и деловна инфраструктура во општините, како и проекти за реновирање и подобрување на енергетската ефикасност на девет болници, се наведува во соопштението.

Проектот се спроведува во рамки на партнерството на УНДП со Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, во соработка со ЗЕЛС, општините и центрите за развој на планските региони во државата.

Рокот за доставување на барањата за финансирање техничка документација е 18 мај 2023 година.