Општината Охрид да ги спроведе законите и да не дозволи хотел во Горица, бараат 24 граѓански организации

Еколошките организации „Фронт 21/42“ и „Охрид СОС“, поддржани од уште 22 граѓански организации, упатија претставка до Општината Охрид, како една од најнадлежните институции за спречување на изградба на хотел во Горица. Од локалните власти екологистите бараат да се спроведат Уставот, законите и меѓународните договори и нагласуваат дека неотстранувањето на хотелскиот комплекс на „Дивелоп Груп“ во Горица, недонесувањето на нов урбанистички план за областа и неспроведувањето на ратификуваните меѓународни договори е дијаметрално спротивно од заложбата за борба против корупцијата и за владеење на правото.
Граѓанските организации бараат да се прекине примената на актите и урбанистичките планови со кои се дозволува урбана трансформација на крајбрежјето и итно да се започне со изработка на нов урбанистички план кој ќе биде во согласност со законот и со планот за управување со светското природно и културно богатство, и за кој ќе се спроведе стратегиска оценка за влијанијата врз животната средина.
„Потсетуваме дека Комитетот за светско наследство од Северна Македонија побара да се стопира градењето во близина на Студенчишко Блато и Горица Север и на комплексот Горица 314 сè додека не се комплетира оценката за влијанијата врз животната средина, а Постојниот комитет на Бернската конвенција изрази посебна загриженост за развојот на урбан комплекс во рамки на Рамсар подрачјето Студенчишко Блато и почетокот на изградба на нов хотелски комплекс која се базира на стар урбанистички план од 2007 година и се спроведува без законски обврзната оценка за влијанијата“, посочуваат од „Фронт 21/42“.
Во претставката до Општината Охрид, граѓанските здруженија посочуваат дека со неспроведувањето на Оценката за влијанија врз животната средина и непостоењето на решение за согласност со проектот од Министерството за животна средина се прекршени законите за животна средина и за градење, што значи дека одобрението за градење кое е издадено во спротивност на овие закони треба да биде ништовно.
„Бараме итно да го огласите за ништовно одобрението за градење на хотелски комплекс во Горица издадено на Дивелоп Груп во 2012 година, по што без одлагање ќе обезбедите отстранување на градбата и враќање на просторот во првобитна состојба“, стои во барањата на екологистите до Општината Охрид.