Општината ќе постапи по мислењето на Антикорупциска за распишаните тендери во кои има судир на интереси


Општина Охрид ќе постапи по насоките на Антикорупциската комисија изнесени во мислењето од 16 јули, а во врска со судир на интереси на носители на јавни функции при учество на тендери распишани од локалната самоуправа, најави општината.

Мислењето на Антикорупциска доаѓа откако на тендерот за уривање на дивоградби распишан од Општина Охрид се пријави фирма во сопственост на советникот Нефи Усеини.

Во дописот пишува дека советник во советот на општината, во смисла на член 8 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси има статус на службено лице и извршува јавни овластувања и должности, а во насока на член 51 став 1 од истиот Закон „Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.

Врз однова на ова мислење од Државната комисија за спречување на корупција, Општина Охрид ќе постапи согласно сите Законски регулативи – соопшти општината.