Општината бара помош од граѓаните за почист Аеродром


Билјана Богдановска

Општина Аеродром изработи веб страница на кој граѓаните ќе може да пријават дека некаде има ѓубре кое не е собрано, а општината интервентно ќе треба да го собере.

– Со фотографија или само со информација добиена од граѓаните Општината очекува во иднина, нејзините жители да пријават дека некоја локација не е исчестена, со што ќе бидат партнер во обидот за почиста животна средина. Тогаш, нашите екипи интервентно ќе исчистат, а фотографии ќе бидат поставени нa новата веб страница како било пред и како е потоа – рече на денешниот брифинг со новинарите,  Александар Ѓоргиевски, раководител на Секторот за работи на градоначалникот.

Дополнително ќе има и телефонски број на кој граѓаните ќе можат да пријават, а тоа ќе може да го направат и преку меил.

Љубљана како пример за селекција на отпадот

Ова е дел од новиот систем за одржување на јавната хигиена кој планира да го воспостави Општина Аеродром, со кој на граѓаните ќе им понуди селектирање на отпадот, по терк на оној што го спроведе Љубљана во Словенија и кој даде одлични резултати.

Исто така, на www.higi-aerodrom.mk, ќе биде поставен распоредот на чистење на улиците, па секој граѓанин ќе може да види кој ден во месецот ќе се чисти неговата улица, но и да укаже ако тоа не се направило.

За оваа намена Општината набави две големи машини за чистење на сервисните улици и девет помали, со кои се чистат уличките, тротоарите, плоштадите и другите јавни површини.

Преполните контејнери за собирање отпад ќе бидат минато, уверуваат од општината, со оглед на тоа дека имаат намера да го воведат еко проектот „Clean AirDrom“ план за селекција на отпад од куќен праг.

Имено, Општина Аеродрoм учествува на конкурсот на Европскиот фонд за регионален развој, од каде веќе се известени дека влегле во вториот круг на избор и конечниот одговор го очекуваат во мај, со кој околу 500.000 евра ќе се наменат за спроведување на прокетот за селекција на отпад, а Општината учествува со близу 100.000 евра.

Со тие пари низ цел Аеродром треба да се постават 25-30 паметни контејнери за селекција на отпад, а речиси секое домаќинство ќе добие кантичка за селекција на пластика, хартија и останато ѓубре.

Домашниот отпад така селектиран, ќе треба да се одложи во паметните контејнери, за кои ќе се направат соодветни „куќички“ што ќе ги заштитува од надворешни влијанија, а службите потоа ќе го носат отпадот до соодветни фирми за рециклирање.

– Во контекст на ова, во наредниот период ќе објавиме јавен повик до фирмите кои се занимаваат со селекција, па кој најмногу ќе плати, со него ќе потпишеме договор за собирање на селектираниот отпад – вели Ѓорѓиевски.

Оној кој нема да сака да селектира, ќе треба да плати, односно за да го исфрли неселектираниот отпад во контејнерот ќе треба да уфрли пари. Соодветно на тоа, оној пак, кој ќе го селектира ѓубрето, на новата картичка со бенефиции „Family Aerodorm“ што ќе ја добие секој жител на Општината, ќе добива поени, кои ќе може да ги искорисtи во повеќе продавници и локали низ Аеродром или на пример, за паркирање.

Компостирање на тревата, лисјето и другиот органски отпад

Дополнително, планираат место како досега лисјето и искосената трева да се носи на депонијата „Дрисла“, каде завршуваат и органскиот отпад од зелените пазари и кондиторските производи со поминат рок, да купат машина со која ќе го компостираат и ќе го претвораат во органско ѓубриво, кое спакувано во вреќички може да се продава.

– На тој начин, место само да даваме пари за одржување на хигиената, од отпадот може и да заработиме – вели Ѓорѓиевски – а ако и не го продаваме, сепак подобро е на „Дрисла“ да заврши како компостирано ѓубриво.

За да се искорени и навиката за одложување кабаст отпад до контињерите за обично ѓубре, ќе се направат неколку микролокации, заградени и убаво уредени, каде граѓаните ќе можат да остават се што повеќе не им треба, а месечно ќе се организираат и посебни денови кога во одреден регион ќе се собира кабаст отпад. За ваквите акции, граѓаните ќе можат да се информираат од новата страница за одржување на јавната хигиена на интернет.

Општината планира и дополнителни субвенции за најголемите загадувачи, кои во моментот се мапираат преку студија која е во изработка, со цел да се намалат изгувните гасови и другите загадувачи од економските оператори. Студијата треба да покаже кој треба да постави филтри, кој може да постави фотоволтаици или на друг начин да го намали загадувањето на околината. Оштината пак, ќе почне со поставување на фотоволтаици на училиштата.