Општина Велес за утре прогласи ден на жалост поради трјоцата загинати сограѓани


Советот на Општина Велес денеска донесе едногласна одлука, утрешниот ден, 18 октомври 2024 година, да го прогласи за Ден на жалост поради трагичната смрт на тројцата сограѓани во сообраќајната несреќа што се случи вчера, на 16 октомври 2024 година, на автопатот Скопје-Велес.

Како што информират од Општина Велес, знамињата во Општина Велес ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации закажани за утре, се одложуваат, а угостителските објекти кои се на територијата на општината ќе емитуваат сериозна музика.

– Во СВР Скопје било пријавено дека синоќа  во 17.35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д.  и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти МВР.

Поради сообраќајката вчера попладне беа блокирани двете сообраќајни ленти на автопатот Скопје – Велес. Сообраќајот беше во прекин од 17:45 часот и се пренасочуваше преку Петровец – Велес (по стариот пат), Миладиновци – Св.Николе – Велес – Штип.