Општина Тетово смени директори на јавни претпријатија


Општина Тетово денеска информираше дека се направени промени во раководството на некои јавни претпријатија, во обид да се подобрат нивните услуги и ефикасност за доброто на граѓаните на Тетово. Досегашниот директор на Јавното комунално претријатие „Тетово“ е поставен за раководител во новоформираното ЈП за водовод и канализација.  

-Во Јавното комунално претпријатие „Тетово“, за директор е поставен Самет Бислими, кој има богато искуство и јасна визија за развој на општината. Во Јавното претпријатие за водовод и канализација „Шари“ директорската функција ќе ја извршува Нуредин Фетаи. Тој ќе има задача да биде одговорен за обезбедување на водоснабдување и управување со канализацијата на подрачјето на Тетово. Оваа промена на раководството доаѓа во контекст на континуирана заложба за почисто и подостоинствено Тетово. Сметаме дека со овие измени општинските услуги ќе се подобрат и подобро ќе одговорат на потребите на граѓаните, соопшти Општина Тетово. 

Помина цела година откако лани во јануари 2023-та, почнаа процедурите за регистрација на две нови јавни комунални претријатија за чие основање беше донесена одлука на последната седница на Советот на Општина Тетово на 29 декември 2022 година.  Се формираа два нови правни субјекти и одделно стопанисување со водоводот и канализацијата во едното и комуналната хигиена во другото.  Досегашното Јавно комунално претријатие „Тетово“ ќе продолжи да постои, а ќе функционираат и понатаму одделот за православни гробишта, зелените пазари како и работната едница „Паркови и зеленило“.

ЈКП „Шари“ треба да функционира за собирање, обработка и снабдување со вода, но и уште неколку сродни дејности. Вториот нов правен субјект Друштво за производство и комунални услуги „Оаенеум“ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, со главна дејност собирање на безопасен отпад е јавно-приватно партнерство со словенечката фирма.