Општина Тетово повеќе не должи 14 милиони, туку „само“ 8 милиони евра


Општина Тетово ја информира јавноста дека долгот на општината е намален за 6 милиони евра во однос на 2021 година.
 
– По две години, новото раководство целосно ја промени финансиската состојба на општината. Во моментов општина Тетово има долг од 8 милиони евра, додека во 2021 година имала 14 милиони – соопштија од општината.

Овој финансиски успех означува важна пресвртница во управувањето со јавните средства и несомнена посветеност да се осигура дека секое евро оди за инвестиции и квалитетни услуги за нашиот град и граѓаните, сметаат во Општина Тетово.
 
Сепак, во  соопштението нема информации за што тоа должела општината и како успеала за една година долгот да го намали за 6 милиони евра.
 
Во ноември 2021 година, кога ја презеде должноста градоначалникот Билал Касами информираше дека од вкупно 24 милиони евра долгови – 14 милиони се на името на Општина Тетово, Јавното комунално претријатие (ЈКП) Тетово должи 9,7 милиони евра, 187 илјади евра е долгот на ЈП Градски паркинг и 77 илјади евра должат училиштата.