Општина Свети Николе нема сметководител, а има комунално претпријатие само со еден вработен – директор


Државниот завод за ревизија констатира дека во Општина Свети Николе нема сметководител, па финансиските трансакции не се извршуваат соодветно. Исто така, констатира дека не е ликвидирано старото комунално претпријатие „Единство“, а новото функционира со еден вработен кој е на позицијата директор.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2021 година, заедно со ревизија на усогласеност ги констатиравме следниве состојби:

– градоначалникот на општината нема одредено одговорен сметководител;
– доделување на средства за активностите од областа на спортот, културата и за поддршка на невладиниот сектор се врши без утврдени критериумите и не се доставуваат извештаи од крајните корисници, за
реализација на доделените средства од Буџетот на Општината;

Исто така, ревизорот констатира дека не се донесени процедури за работа со кои ќе се обезбеди функционирање, следење, развој и финансиско управување и контрола на во процесот на администрирање на даноците, таксите, надоместоците и закупнините;

– не постои разграничување на надлежностите и одговорностите на вработените при пресметка, евидентирање и наплата на приходите, односно едно лице извршува последователно неколку активности на извршување и воедно на контрола во процесите. При утврдувањето на даноците на имот, на таксите и надоместоците и приходите од закуп отсуствува координација и размена на податоци помеѓу секторите и одделенијата, при што се создава ризик од нецелосно, неточно и ненавремено утврдување и наплата на даноци, такси и надоместоци и нивно следење;

– извештаите за извршена процена на недвижен имот врз основа на кои се пресметува данок на имот, не се потпишани од сопствениците на недвижниот имот и – не се врши следење на реализација на договорите по основ на наплата на надоместокот за уредување на градежно земјиште, поради отсуство на соработка, размена на податоци и документација меѓу секторите по однос евидентирани уплати, задолжувања по пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште и спроведени книжења.

Од извршената ревизија за постапката и начинот на утврдување на наплата на приходите по основ на даноци на имот го констатиравме следното:

– не е извршена репроценка на пазарната вредност на целиот недвижен имот на територијата на Општината согласно Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот. Репроценка на пазарната вредност на недвижен имот е направена во периодот 2008-2009 година, само во одредени реони, а не и на целата територија на Општината, поради што за дел од вредноста на имотот се користат податоци добиени од УЈП во 2006 година. Во периодот 2014-2015 година направена е репроценка на деловните објекти на територијата на Општината, а во 2019 година е направена репроценка на дел од населба викана “Бел Камен” и – не е направена проценка на објектите кои имаат извршено утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (легализација), поради невоспоставена соработка помеѓу Сектор за нормативно правни работи, администрирање со даноци и комунални такси, локален развој и јавни дејности и Секторот за урбанизам, заштита на животна средина, комунални работи и отуѓување на градежно земјиште, со цел задолжување со данок на имот на обврзниците кои извршиле легализација на градежни објекти.

Врз основа на донесена Одлука од 28.10.2005 година од страна на Советот на Општина Свети Николе со издвојување на посебните делови од ЈКП Единство Свети Николе, односно РЕ „Водовод и канализација“ и РЕ „Пазари на големо и мало“, основано е Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ Свети Николе.

Во Конечниот извештај на Овластениот државен ревизор од извршената ревизија на финансиските извештаи на Јавно комунално претпријатие “Комуналец” – П.О. Свети Николе за 2008 година била констатирана состојба дека при извршеното издвојување на деловите од постојното јавно претпријатие ЈКП „Единство“ Свети Николе (РЕ „Водовод и канализација“ и РЕ „Пазари на големо и мало“) и формирањето на новото јавно претпријатие, не било обезбедено доследно почитување на одредбите на Законот за јавните претпријатија и Законот за трговските друштва, бидејќи не била предвидена соодветна форма на организирање на новото јавно претпријатие, односно истото или да биде формирано како друштво со ограничена одговорност или пак како акционерско друштво во сопственост на општината.

Оваа состојба до денот на ревизијата е непроменета, бидејќи ЈКП Комуналец Свети Николе работи како јавно претпријатие, како и претходното јавно претпријатие ЈКП „Единство“ Свети Николе, односно Советот на Општина Свети Николе нема донесено акт за начинот на згаснување на ЈКП „Единство“ Свети Николе. Исто така, во ЈКП „Единство“ Свети Николе освен вршител на должност директор, кој согласно Решение донесено од Градоначалникот на Општина Свети Николе е именуван од 01.03.2018 година и кое решение е сè уште во важност, нема други вработени. Оваа состојба има за ефект незаконско формирање на јавно претпријатие од страна на општината кое придонесува за неизмирување на настанатите обврски на претходното јавно претпријатие кон добавувачите.

Советот на Општина Свети Николе да преземе мерки и активности за ликвидирање на ЈКП „Единство“ Свети Николе.