Општина Шуто Оризари апелира: Не споменувајте каде живеат заболените!


Општина Шуто Оризари и Кризниот штаб апелираат до граѓанските организации во иднина да не ја известуваат јавноста за заболени по улици, како што е случајот со „Брсјачка буна“.

– Самото спомнување на заболени кај населението од таа улица, која брои над 400 домаќинства, создаде паника и дополнителна стигматизација на дел од лицата кои изминатиов период допатуваа од странство и беа во самоизолација. Кризниот штаб во моментов не располага со официјална информација дека на споменатата улица има лица позитивни на Ковид-19 . Апелираме истото да го следат и сите кои известуваат за случувања на општината, со уште една напомена за целта на ваквото известување: спречување на стигматизацијата и креирањето на паника помеѓу населението која најмалку е  потребна  во овој период, се вели во соопштението од координаторот на Кризниот штаб, градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш.

Од Општинскиот кризен штаб потсетуваат на досегашните преземени активности во Општина Шуто Оризари, како тимовите кои секојдневно вршат дезинфекција на јавни и на затворени површини. Посочуваат дека сите информации редовно се објавуваат на веб-страницата на Општината и оти се водат записници на Кризниот штаб. На граѓаните досега им се поделени 7.000 маски и 7.000 ракавици, а до домаќинствата се дистрибуирани материјали со превентивни мерки.

Во општината има идентификувано околу 2.000 семејства кои се под зголемен социјален ризик периодов поради неможноста да ги вршат своите работни дејности. На дел од овие семејства, локалната самоуправа заедно со партнери и поддржувачи им дистрибуира пакети со хигиенски средства и храна.

– Се согласуваме дека треба да се разгледаат и усвојат посебни мерки доколку има појава на позитивни лица на Ковид-19 во места кои се густо населени и каде што нема услови за соодветна самоизолација и домашно лекување. Доколку се појават вакви случи, локалната самоуправа, односно Кризниот штаб ќе побара помош и поддршка директно од Владата, МТСП и Министерството за здравство за да се изнајде соодветно решение за семејствата, со цел превенирање на жариштата и соодветен пристап до здравствена заштита, стои во соопштението од координаторот на Кризниот штаб.