Општина Штип издаде градежно одобрение за затворен базен


Општина Штип издаде градежно одобрение за изградба на затворен училишен базен во дворот на општинското основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“ во населбата Сењак информираше денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Тој забележа дека токму Штип е првата од останатите 14 општини, која го има издадено одобрението за градба на овој капитален проект за учениците, но и за спортистите.
–Се работи за првиот базен којшто ќе биде изграден бидејќи ние како локална власт бевме агилни и веќе издадовме градежно одобрение за изградба на овој мал затворен базен којшто ќе можат да го користат граѓаните, учениците и спортските клубови. Овој базен ќе има димензии како објект 600 метри квадратни, со што внатре ќе ги има сите пропратни содржини, рече Бочварски.
Штипскиот градоначалник потенцираше дека  затворениот  базен ќе даде дополнителен развој на градот, но и на населбата Сењак, кадешто веќе се гради градинка, се реновираше училиштето, ќе се реновира постоечкиот клон на детската градинка „Астибо“, а се изградија и нови улици кај објектот „Луна Комерц“.
Инаку, Владата вчера го одобри проектот на Агенцијата за млади и спорт, со кој во 14 општини треба да се изградат затворени базени, а од општините побара да предложат локација.