Општина Прилеп купи 1.000 електронски уреди за учениците


Поради пандемијата од Ковид-19, учениците следат настава на далечина, а за тоа се потребни електронски уреди, па затоа Општина Прилеп купи 1.000 таблети, статични и лаптоп комјутери за децата од социјалните категории да може да следат настава.

– Во насока на овозможување подобри услови за наставниците и учениците за следење на настава од далечина, Општина Прилеп спроведе заедничка јавна набавка за сите училишта, при што набавивме 600 таблет компјутери за децата од социјално ранливите категории, 240 статични и 168 лаптоп компјутери. Вкупната вредност на јавната набавка изнесува 16.714.812 денари – велат од Општината.

Набавената опрема е на задоволство како на наставниците, така и на учениците, на кои ќе им биде овозможено преку таблет компјутерите непречено да ја следат наставата од далечина.

– Заедничката јавна набавка е направена од две причини: сите училишта да имаат исти компјутери заради нивно поедноставно сервисирање и второ, затоа што секогаш кога се купува поголема количина, сумата на издвоени средства за јавната набавка е пониска – рече градоначалникот Илија Јованоски.

Десктоп компјутерите се со монитор, камера и слушалки со микрофон, а сите набавени компјутери се со лиценциран оперативен систем Windows 10 Professional.