Општина Кисела Вода продолжува со пописот на урбаното зеленило

Општина Кисела Вода продолжува со реализација на проектот за воспоставување на зелен катастар на својата територија.

Со пописот на урбаното зеленило во рамки на првата фаза од проектот, во сите основни училишта и градинки на територијата на општината, и во урбаните заедници „Бирарија“, „11 Октомври – згради“ и во дел од УЗ „Цветан Димов“, беа евидентирани сите зелени површини, дрва и останати садници. Со втората фаза од проектот, која во моментов е во тек, во дел од УЗ „Цветан Димов“ и во УЗ „Кисела Вода“, ќе бидат опфатени 2.300 дрва и грмушки.

Сите информации за урбаното зеленило во Кисела Вода, ќе бидат поставени на официјалниот Катастар за зеленило, кој ќе биде достапен на веб страната на Општина Кисела Вода. Собирањето и анализата на просторните податоци за зеленилото, на терен го врши фирмата „Трифор“.

 

Согласно правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, Зелениот катастар е попис и „лична карта“ на урбаното зеленило и претставува основа за изработка и следење на спроведувањето на Стратегија за развој на зеленилото, Основен план за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото и Годишна оперативна програма за подигање и одржување на урбаното зеленило. За секое регистрирано дрво и грмушка ќе има податоци за степенот на апсорпција на штетни материи преку утврдените индикатори на штетност, неговата старост, потенцијалната опасност и потреба од сеча, а ќе се утврди и можноста за засадување на нови садници.

Општина Кисела Вода минатата година во соработка со Градот Скопје и со УНДП, започна со активности за изработка на Катастар на зеленило.