Општина Карпош: Третата вечер на „Карпошовото културно лето 2025“ одбележана со бурни емоции

Третата вечер на „Карпошовото културно лето 2025“, одбележана со бурни емоции, аплаузи, воздишки и воодушевувања од грандиозниот настап на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“, што наметна несовладлив интензитет и енергија, помеѓу изведувачите и присутната публика. Се чини дека плоштадот „Млечен“ со крајни напори ги рашири своите прегратки, за да ги прими сите љубители на фолклорот и традиционалниот народен мелос, се наведува во соопштението на Одделението за односи со јавноста на Општина Карпош.
– Посебен впечаток кај публиката оставија академскиот хор и играорната група на АКУД „Мирче Ацев“, кои со својот сценски настап и кореографија создадоа нераскинлива врска што ќе биде длабоко врежана во сеќавањата на карпошани. Вистинско освежување на сцената понудија и играорците од Романија и Мексико, кои со автентичниот мелос и народните носии што се карактеристични за земјите од кои доаѓаат, ги освоија срцата на нашата домашна публика. Комплименти за организаторот, настапувачите и секако за беспрекорната публика, која несомнено покажа капацитет за прифаќање на културни идентитети и естетски вредности, кои се различни од нашето изворно поднебје, потенцираат од локалната самоуправа.