Општина Карпош ќе набави револуционерен чистач на отпад со 0 загадување


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска потпиша договор со Бирото за регионален развој за набавка на две машини со висока технологија кои значително ќе придонесат за побрзо и поефикасно одржување на хигиената во општината.

Како што соопштија од локалната самоупрваа, првата машина е мал паметен чистач со 0 загадување, наменета за чистење во урбаните средини, посебно на места кои се потешко достапни за поголеми машини (паркинзи и слично), а со цел намалување на времето за собирање на сметот. Вкупната вредност на машината е 1.572.592 денари, а општина Карпош учествува со 15% од вредноста, односно 235.880 денари.

Втората машина е револуционерен чистач на отпад со 0 загадување. Оваа машина е наменета за расчистување на смет на повисоките места, каде што поголеми камиони потешко се искачуваат. Вкупна вредност на машината е 2.977.547 денари, а општина Карпош не учествува со кофинансирање, појаснија од општината.