Општина Карпош доделува десет стипендии за Меѓународниот балкански универзитет


Општина Карпош во соработка со приватниот Меѓународен балкански универзитет (МБУ) во Скопје доделува десет стипендии за редовни студенти за учебната 2023/2024 година.

Според утврдените критериуми, право на учество имаат сите заинтересирани кандидати кои ќе запишат редовни студии на приватниот МБУ во Скопје, а се од подрачјето на општина Карпош.

Во случајов, Меѓународниот балкански универзитет во Скопје обезбедува стипендија од 90% за студентите од општина Карпош, кои имаат просечен успех од минимум 4,50 (школарина се доплаќа од 200 евра по академска година).

Потенцијалните добитници на стипендии имаат можност да го насочат своето академско знаење на студиските програми по Политички науки, Односи со јавноста и маркетинг-комуникации, Менаџмент на индустриски маркетинг, Градежништво, Банкарство и финансии, Е-бизнис и Психолошко советување и насочување.

Учесниците на Јавниот повик треба лично да ги достават документите во Архивата на Општина Карпош (ул. „Радика“ бр. 3 – Скопје), со назнака „Јавен повик за доделување на стипендии за додипломски студии за учебната 2023/2024 година“, односно секој работен ден до 15:30 часот.

Притоа, најдоцна до 30 јуни 2023 година, апликантите треба да ги поднесат следниве документи: кратко мотивациско писмо со телефон за контакт; копија од диплома за завршено средно образование; и копија од лична карта.