Општина Карпош добива овластен просветен инспектор во образованието


Во рамки на триесет и шестата седница која се одржа на Универзитетот Скопје, советниците од Општина Карпош расправаа и полноважно одлучуваа по 16 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, мнозинството во Советот ја поддржа Предлог – Одлуката за давање на согласност за спогодбено преземање на административен службеник – овластен просветен инспектор, преку трајно преземање, во Секторот Инспекторат на Општина Карпош. Основна работна цел на инспекторот ќе биде вршење на инспекциски работи и надзор, од областа на просветната и образовната дејност во основните училишта кои функционираат на територија на локалната самоуправа.

Имено, овластеното лице ќе има обврска да врши инспекциски надзор над спроведување на постапката за основање и престанок со работа на воспитно – образовните установи кои се основани од Општината, а ќе врши и надзор над исполнување на условите за работа на воспитно – образовните установи основани од локалната самоуправа. Инспекторот ќе има овластување да врши надзор над процесот на запишување на основците во училиште, како и над запазување на опфатот на учениците, согласно со реонизацијата на основните училишта.

Тој ќе врши инспекциски надзор над спроведување на превозот, исхраната и сместувањето на основците во училиштата, како и над исполнување на условите за избор на наставници и стручни соработници во основните училишта. Просветниот инспектор според описот на работните задачи ќе врши надзор над спроведување на постапката за формирање на училишните органи во воспитно – образовните установи, а ќе биде овластен да врши и инспекциски надзор над средствата кои основните училишта ги стекнале од сопствени извори.

Во рамки на денешната седница, советниците ја изгласаа и Одлуката за одобрување на финансиски средства во висина од 250.000 денари, за поправка и санација на постоечки лифт во станбена зграда на ул. „Никола Русински“ бр. 10/2. Со истата динамика беа изгласани и предлозите за измена и дополнување на Програмите на Општина Карпош, од областа на екологијата и енергетската ефикасност, како и Програмата од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2023 година.

Поддршка од Советот добија и четири точки од технички карактер, меѓу кои влегуваат и Предлог – Одлуките за усвојување на техничка исправка на урбанистички план за градежна парцела 4.4.5 од ДУП МЗ Влае 1, дел Б, за градежна парцела 1.13 од ДУП МЗ Влае 1 нас. Маврово и Водовод, за градежна парцела 5.1.16 од ДУП (измена и дополна) за населба Влае 1, дел Б, како и за градежна парцела 3.6.10 од ДУП (измена и дополна) за населба Влае 1, дел Б.

„Зелено светло“ од Советот на Општина Карпош добија и двете Предлог – Решенија за верификација на членови на училишниот одбор, на ООУ „Вера Циривири Трена“ и ООУ „Димо Хаџи Димов“.