Општина Илинден постави уште 18 контејнери за селектирање стакло


 Осумнаесет нови контејнери за селектирање на стаклената амбалажа денеска пристигнаа во Општина Илинден, од вкупно 38 контејнери што оваа локална самоуправа ги добива во рамките на нејзиното учество во регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”.

По тој повод, како што соопшти Општина Илинден, денеска свечено беше потпишан и договор за примопредавање на контејнерите од новата транша, меѓу претставник од германското друштво за интернационална соработка преку Отворен Регионален Фонд за Југоисточна Европа – Модернизација на општински услуги ( ГИЗ ОРФ ММС), градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски и директорот на ЈКП Илинден, Игор Филиповски.

Целта на Проектот, наведуваат од Општината, е воспоставување на економски вредносен синџир на рециклирање стакло во регионот. Во таа насока, додаваат, се реализираат низа активности, меѓу кои: поставување на соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во пилот-општините; спроведување на кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото; зголемување за 20 посто на собраните количини на стакло, споредено со 2020 година; потоа спроведување на обука за јавните комунални претпријатија и развивање на три бизнис модели за општините (урбан, рурален и ХОРЕКА ) што во следниот период ќе послужат како урнек за успешно управување со отпад од стакло.

-„ Денес потпишавме договор за донација за нови 18 контејнери за селекција на стаклена амбалажа, со што ќе ја воспоставиме предвидената инфраструктура со која ќе им олесниме на нашите граѓаните да го одлагаат овој отпад во непосредната близина на своето место на живеење, во зелените контејнери. Сигурен сум дека тие ќе ни помогнат успешно да го реализираме проектот, да собереме што поголеми количини, а со тоа да ги намалиме дивите депонии и да обезбедиме поздрава животна средина за сите. Правилно собраното стакло, во европски рамки и пошироко веќе не претставува отпад, туку скапоцена суровина. Затоа, како општина која се стекна и со регионалниот сертификат за пријателски ориентирана општина кон бизнис заедницата (БФЦ сертификат) ќе работиме и во насока на создавање на услови за развој на локалната економија во оваа област, истакна градоначалникот Стојановски при обиколката на една од локациите во општината на која се поставуваа новите контејнери.

Пред присутните се обратил и директорот на ЈКП Филиповски, кој посочил дека комуналното претпријатие како нов сопственик на овие контејнерите ќе се грижи да нивно одржување и ќе ги реализира сите потребни активности за исполнување на резултатите од Проектот за создавање на оддржлив бизнис модел за собирање отпад од пакување од стакло во рурална средина.

-Фактите се на страната на рециклирањето. Стаклениот отпад се разложува многу бавно и доколку не е соодветно одложен, може да стои на депониите со години. Затоа на рециклирањето се гледа како на многу ефективно решение, бидејќи со рециклирање на само едно стаклено шише, се заштедува доволно енергија за еден компјутер да работи 25 минути или пак една 100-ватна сијалица да свети цели четири часа. Притоа, рециклажата на стакло заштедува 40 отсто од енергијата која е потребна да се создаде нов стаклен сад, наведуваат од Општина Илинден.

Проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ истовремено се спроведува и во Србија и Босна и Херцеговина и започна да се реализира во шест пилот –општини, меѓу кои од нашата земја покрај општина Илинден учествува и Општина Штип.

-ЗЕЛС, во соработка со регионалната канцеларија на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ ОРФ ММС) е партнер во имплементација на проектот во нашата земја, што е финансиран од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и компанијата ПАКОМАК (Македонија), во рамки на програмата за соработка со бизнис секторот DeveloPPP.de. Оваа програма (DeveloPPP.de) на Германското сојузно министерство за соработка и развој е насочена кон градење и развој на соработка меѓу јавниот и приватен сектор на локално ниво, додаваат од Општината.