Општина Ѓорче Петров потпиша меморандум за соработка со специјализирана компанија за управување со отпадни гуми

Општина Ѓорче Петров е прва општина која ќе стартува со акција за соодвено постапување со отпадни гуми.
– Сведоци сме на несоодветно постапување со отпадните гуми, кои често завршуваат во природата или се палат, предизвикувајќи сериозно загадување на воздухот! За да ставиме крај на оваа опасна пракса, Општина Ѓорче Петров како една меѓу првите општини во Македонија потпиша меморандум за соработка со специјализирана компанија за управување со отпадни гуми, порача денеска градоначалникот Александар Стојкоски.
Ова значи дека oпштинските служби ќе ги преземаат отпадните гуми и ќе ги транспортираат до безбедна локација. Специјализиран оператор со соодветна опрема ќе ги подигнува и соодветно ќе ги преработува и со тоа се спречува загадување на животната средина.
Стојкоски упати апел до граѓаните.
Сите што имаат можност, своите отпадни гуми може директно да ги оставаат во комуналниот пункт на Општина Ѓорче Петров кај „Камин Кама“. Вашата поддршка прави разлика! Секој мал чекор е голем напредок! Заедно да создадеме почиста и поздрава околина! Мал чекор, но огромно значење за животната средина! Општина Ѓорче Петров продолжува со активни мерки за заштита на природата и подобар квалитет на воздухот! – порача првиот човек на општината.