Општина Ѓорче Петров: Бесплатен транспорт на една категорија граѓани до болниците


Општина Ѓорче Петров воведува нова квалитетна социјална услуга за граѓаните.

-Од денеска сите болни, немоќни, лица со попреченост или социјално загрозени лица ќе може бесплатно да бидат транспортирани до здравствените установи, доколку имаат претходно закажан термин за преглед, соопшти првиот човек на општината Александар Стојкоски.

Тој информираше дека денеска е потпишан договорот за транспортно возило со секретарот на Црвениот крст, Сузана Тунева Пауновска кој веднаш стартува со имплементација на терен.

 

– Корисникот кој има потреба од превоз може да се јави на телефонски број 02/15330 во контакт центарот на Црвен крст секој ден во текот на 24 часа. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот прв дојден-прв услужен. Транспортот се врши во работни денови од 8 до 16 часот. При закажување на термин потребно е да дадете целосни податоци. Лицето кое треба да е жител на општина Ѓорче Петров има право на бесплатен превоз финансиран од страна на општината во еден правец максимум 4 пати во текот на 1 година, информира Стојкоски.

 

Тој нагласи дека ова е една од неговите ветени мерки, во соработка со Црвениот крст, преку која ги подобруваат социјалните услуги за граѓаните и една од мерките која е планирана за годинава во рамки на социјалниот план на општина Ѓорче Петров за 2023 година.

– Во план се уште вакви чекори со кои ќе им излеземе во пресрет на социјално-ранливите категории во нашата општина, најави градоначалникот.