Општина Гази Баба со повеќе проекти по парите од Владата


Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски имаше средба со Министерот за локална самоуправа Златко Перински, на која разговарале за проектите со кои општината ќе бара од ветените буџетски пари.

– Го информирав министерот Перински за подготвеноста на општина Гази Баба за најавениот јавен повик од премиерот Христијан Мицкоски за финансирање на капитални проекти на општините низ Македонија – напиша градоначалникот Стефковски.

Вели дека во изминатите две и половина години посветено работеле на изготвување на урбанистичко – планска документација и денес најавува дека во општина Гази Баба во наредниот период ќе се реализираат голем број на капитални проекти.

Дел од тие проекти се:

Изградба на детска градинка во Трубарево;

Изградба на детска градинка во Инџиково;

Изградба на нова училишна зграда на ООУ Крсте Мисирков;

Изградба на нов модул од фекалната канализација во Јурумлери;

Комплетна реконструкција на Културниот дом во Ченто;

Реконструкција и ревитализација на улица Петре Филиповски Гарката во Триангла;

Реконструкција и ревитализација на улица Лазар Поп Трајков во Автокоманда;

Реконструкција и ревитализација на улица 519 во Керамидница;

Реконструкција и ревитализација на улица Палмиро Тољати во Ченто;

Изградба на атмосферска канализација и водоводна мрежа на улица Јоран Поп Јорданов во Маџари;

Реконструкција и ревитализација на дел од улица Жан Жорес (од Кино Маџари до надвозникот кај ООУ Наум Наумовски Борче).

Поддршката од Владата на Република Македонија е многу важна во процесот на реализацијата на капиталните проекти во општината, смета Стефковски.