Општина Дебар доби 700.000 евра за реконструкција на три улици и изградба на водовод во Могорче


Од проектот „100 милиони евра за општините“ општина Дебар доби поддршка од 700 илјади евра за реализација на проекти од инфраструктурата, информираше  градоначалникот Хекуран Дука.

– Поднесовме четири пријави на повикот за доделување средства преку Министерството за локална самоуправа, а се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура во градот односно целосна реконструкција на три локални улици во градот и изградба на водовод во најголемото село во нашата општина, селото Могорче. Целосно ни се одобрени три проекти, додека едниот е со кофинансирање, додава Дука.

Дообјаснува дека целосна поддршка е добиена за реконструкција на улица „Миѓени“ (поранешна ЈНА), улицата „Петрит Бомова“ (Здравко Чочковски), како и изградбата на водовод за селото Могорче, каде живеат над две илјади жители. Целосната реконструкција на улицата „Сабри Карамети“ (поранешна Петре Поповски) ќе се реализира со кофинансирање.

– Во меѓувреме продолжуваме со реализација на проекти кои се во интерес на жителите. По реконстркцијата на повеќе улици во градот, целосно уредување на паркот во градската населба „Венец еден“, други проекти во неколку селски населби, со планираната динамика се одвиваат работите на главната улица во населбата „Ново Коњаре“. Станува збор за изградба на атмосферска канализација, што се случува за првпат, реконструкција на фекалната канализација, потоа тампонирање на улиците, поставување на ивичњаци, и асфалтирање, нагласува тој.

Овој проект се реализира со средства добиени од Бирото за регионален развој со кофинансирање на општината, а вкупната инвестиција изнесува 8,4 милиони денари.

Според Дука, жителите на општината, заслужуваат уште повеќе, затоа, како локална власт, ќе продолжат преку разни извори да обезбедуваат средства за реализација на инфраструктурни и други проекти.