Општина Чаир се пофали дека искроила и отстранила вкупно 350 дрвја: Зградата се проширила, па дрвото смета!


Општина Чаир повеќе од три недели спроведува интензивна акција за одржување и унапредување на зеленилото на јавните површини. По иницијатива на Општината, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ и компанијата АДМ-АЛ, досега се искроени над 250 дрвја, а отстранети се околу 100 суви и ризични дрвја.

Интервенциите се изведуваат професионално и во зависност од условите на терен, вклучително и со методата tree climbing на локациите каде што е потребен специјализиран пристап. Паралелно со кроењето и отстранувањето на ризичните дрвја, се врши и собирање и транспорт на гранките, зелениот отпад и останатиот материјал по извршените интервенции.

Работите се одвиваат согласно Законот за урбано зеленило и соодветните законски надлежности. Акцијата не е привремена активност, туку ќе продолжи во период од една година, опфаќајќи ги сите локации на територијата на Чаир каде што ќе биде утврдена потреба од интервенција.

Со оваа акција се цели кон подобро одржување на урбаното зеленило, отстранување на дрвјата кои претставуваат ризик и создавање побезбедни и поуредени јавни површини за граѓаните.

Ова го соопшти Општина Чаир денеска, проследено со фотографии од акцијата, но ако добро погледнтете, ова конкретно дрво, високо можеби 40 метра, со разгранета крошна, не изгледа болно, но сметало на соседната зграда. Сепак, може да се забележи дека, како што растело дрвото низ годините, така пораснала и зградата, во ширина. Всушност, ова дрво е засадено на околу 3 метри од основната фасада, но откако дозволиле, терасите на зградата да се зголемат за десетици квадрати, всушност зградата се доближила до дрвото, па сега тоа пречи. 

Општината е надлежна за оздавање на дозволите за проширување на зградите, а со неколкупати продолжуваниот Закон за легализација, сетоа тоа на имотен лист изгеда одлично.  Настрадаа само дрвјата!(Б.Б.)