Општина Центар урна нелегален ресторан на Водно


Секторот за инспекциски работи денеска излезе на терен и продолжи со акцијата за отстранување на нелегални објекти на територијата на општина Центар.

Како што информираат општинските власти, станува збор за случај во кој инвеститорот „Вандербилт тенис клуб“ ДООЕЛ Скопје не постапил по решение издадено од општината за самостојно отстранување на градбата.

„Со денешната активност е опфатено отстранување на ресторан на улица Славејко Арсов, со придружни објекти – санитарен јазол и шанк со димензии 19,20 м х 9,60 метри и 4,50 м х 5,50 метри, изградени од челична конструкција и греди, објекти во градба за што градителот на поседувал соодветна документација“, се наведува во соопштението од општината.

Од таму најавуваат дека акцијата за отстранување на дивоградби продолжува и во наредниот период.