Oпштина Центар субвенционира велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети


 

Општина Центар од денеска ја спроведува акцијата „Цел Центар на точак”, со која ќе се субвенционира 30 отсто од цената за купување нов велосипед, е-велосипед и е-тротинет, но најмногу до 3.000 денари.

Како што стои во соопштението од Општината, секој полнолетен жител на општина Центар што ќе купи велосипед, е-велосипед или е-тротинет започнувајќи од 14-ти мај, потребно е да достави пополнето барање за субвенционирање, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед, е-велосипед или е-тротинет.

Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака бр.6, почнувајќи од денес, 14-ти мај. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и за субвенционирањето. Правото на субвенција е еднократно.

За сите дополнителни информации во врска со субвенционирањето, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 3203-600.