Општина Центар субвенционира обнова на покриви и лифтови
Општина Центар објавува Jавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојните покривни конструкции и постојните лифтови во станбените згради на подрачјето на Општина Центар, во согласност со Програмата за комунални дејности за 2021 година.
Право на учество имаат сопствениците на заеднички делови на колективните станбени згради што се управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици на територијата на Општина Центар.
Јавниот повик се однесува на финансиска поддршка за поправка на технички неисправни лифтови, како и модернизација и подобрување на безбедноста на постојните лифтови. Финансиската поддршка за реконструкција на покривите и на покривните покривачи е насочена кон замена на постојни азбестни салонитни покривачи со еколошки и реконструкција на рамните проодни и непроодни тераси во согласност со условите и критериумите за учество.
Проектот е поддржан со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000,00 денари за реконструкција на постојните покривни конструкции и 30 % од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000,00 денари за поправка и санација на лифтови. Сопствениците на посебни делови, преку кредитирање или во готово, треба да ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 % од вкупниот износ од вредноста за реконструкција на постојните покривни конструкции и поправка и санација на лифтовите.
Заинтересираните кандидати треба да ги достават потребните документи во Архивата на Општина Центар, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот, во периодот од 5 до 23 јули 2021 година. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот прв дојден-прв услужен.
За повеќе информации за условите и критериумите граѓаните може да се информираат на општинската веб-страница www.centar.gov.mk.